Актуелниот министер за земјоделство во врска со обвинувањата на неговиот претходник, пак, вели дека за тоа кој ќе добие земјоделско земјиште не одлучува ресорниот министер, туку комисија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), излезе со нови тврдења во врска со доделувањето средства од ИПАРД-програмата, кои според партијата откриваат повразност меѓу актуелниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, кому му беше одреден притвор откако беше уапсен за земање мито.
Новите наводи ги соопшти ексминистерот за земјоделство во претходната влада предводена од СДСМ и актуелен пратеник во Собранието, Љупчо Николовски. Тој во вчерашната емисија „Аргумент+“ на ТВ 24 рече дека првиот договор за доделување земјоделско земјиште што Трипуновски го потпишал кога стапил на функцијата бил за ќерката на директорот на Платежната агенција, Стоилев.

„Прв договор којшто го има потпишано министерот Трипуновски за доделување на земједолско земјишто на почетокот на јули минатата година, кога дојде на функцијата министер, знаете со кого е? Со ќерката на актуелниот директор на Платежната агенција кој денеска е во притвор – тоа е Ана Стоилева. Тоа говори за уште поблиските односи коишто ги има со оваа светиниколска врска. Ова јавно го кажувам, а по допрен глас може да се постапува“,
рече Николовски.
Актуелниот министер за земјоделство во врска со обвинувањата на неговиот претходник, пак, вели дека за тоа кој ќе добие земјоделско земјиште не одлучува ресорниот министер, туку комисија.
„Откако сум министер, имам потпишано над 2 100 договори за околу 6 000 хектари земјоделско земјиште. И да го потсетам Николовски дека согласно Законот, распределбата на земјоделско земјиште ја врши комисија која работи и доставува одлука за избор до секторот каде се изработуваат договорите. Договорите се доставуваат на потпис без да знам кој е од другата страна потписник. Ако во негово време било пракса пред да се склучува договор за распределба на земјоделско земјиште да се среќава со апликантите, јас тоа не го правам“,
вели Трипуновски во пишан одговор за ТВ Телма, од каде што побарале неков коментар во врска со наводите на Николовски.

Инаку, Николовски и неговата партија деновиве излегоа со серија тврдиња кои, како што велат, отвораат сомнежи дека случајот со директорот на Платежната агенција не е изолиран и дека сознанијата што ги имаат укажуваат дека злоупотребите со средства до ИПАРД-фондовите водат до врвот на власта.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена ги отфрли ваквите наводи како шпекулации и ја повика опозициската партија да не се затскрива зад прашања, туку да излезе со тврдења ако има докази.
Случајот стана видлив во јавноста откако Обвинителството соопшти дека по серија претреси на повеќе локации низ земјава, се приведени петмина осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Во описот на случајот, од Обвинителството кажаа дека иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите за користење средства од ИПАРД-програмата, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок во износ од 50 илјади евра, потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице. Притоа, примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при претрес се пронајдени кај него и му се одземени.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница го разреши Илија Стоилев од местото претседател на Општинскиот комитет на партијата во Свети Николе.
По неговото апсење, државата донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата, а од Министерството за финансии известија дека тоа е направено за да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од програмата ИПАРД 3.
За одлуката, како што информираа од Финансии, била известена и Европската комисија, која го поздравила потегот за суспензија на средствата сѐ додека не се разјаснат околностите околу случајот.
