На Централниот комитет беше донесена одлука за разрешување на Илија Стоилев од местото претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе, по случајот со злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница го разреши Илија Стоилев од местото претседател на Општинскиот комитет на партијата во Свети Николе.
„На Централниот комитет беше донесена одлука за разрешување на Илија Стоилев од местото претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе, по случајот на злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој“,
соопштија од партијата.
Стоилев е директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кој е осомничен за примање поткуп. Случајот стана видлив во јавноста откако Обвинителството соопшти дека по серија претреси на повеќе локации низ земјава, привеле петмина осомничени за поткуп.
Во описот на случајот, од Обвинителството кажаа дека иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите за користење средства од ИПАРД-програмата, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок во износ од 50 илјади евра, потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице. Притоа, примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при претрес се пронајдени кај него и му се одземени.
Инаку, на вчерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, разрешен е и Гоце Стоиловски од местото претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Македонска Каменица. Таму ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите и градоначалничката функција ја презеде кадар на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за партискиот Конгрес
Како што информираат од владејачката партија, најголем број од одлуките на вчерашната седница биле поврзани со претстојниот партиски Конгрес, кој треба да се одржи на 6 декември во Кавадарци.

„Беше донесена одлука за избор на делегати кои ќе учествуваат и одлучуваат на Конгресот. На Конгресот ќе учествуваат над 800 делегати, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски беше овластен да ја утврди конечната листа на делегати согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа беше формиран и организациски одбор кој треба да го подготви Конгресот“,
се вели во соопштението.

Се зборувало и за резултатите од последните локални избори. Од партијата велат дека оствариле убедлива и историски висока победа, што за нив претставува одговорност за работа и постигнување резултати и ветеното пред граѓаните на Република Македонија.
