Очекува ова прашање да се отвори на седницата на Економско-социјалниот совет, која треба да се одржи до крајот на месецот
Дали ќе има интервентно зголемување на минималната плата надвор од законот е предмет на дијалог меѓу синдикатите и работодавачите, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање откако присуствуваше на настанот на кој се одбележаа 25 години од основањето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Посочи дека Владата ќе го прифати секое решение за кое меѓусебно ќе се договорат синдикатите и работодавачите.
„За минималната плата имаме закон и во целост го почитуваме. Дали ќе има некое интервентно зголемување надвор од законот, тоа е предмет на дијалог што го водат синдикатите со работодавачите“,
рече тој.
Очекува ова прашање да се отвори на седницата на Економско-социјалниот совет, која треба да се одржи до крајот на месецот.
Премиерот досега неколкупати изјавуваше дека минимална плата ќе биде онаа којашто ќе ја договорат работодавачите и работниците, а дека Владата ќе го прифати тоа.
Анкетата што на 11 и 12 овој месец ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на репрезентативен примерок од 1 613 испитаници покажува дека работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба изнесува од 600 до 700 евра.
На прашањето колку треба да изнесува минималната плата, 45,2 отсто одговориле дека таа треба да се зголеми на 600 евра, а 42 отсто дека треба да изнесува 700 евра. Нешто над 12 отсто се изјасниле дека таа треба да биде 500 евра.
Најголем дел или 99,5 отсто од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава. Ако не се зголеми минималната плата, 52,8 отсто се подготвени да излезат да протестираат, а 47, 2 отсто да штрајкуваат.
Оваа анкета, како што се вели во соопштението на ССМ, покажува дека зголемувањето на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во државата.
