Според него, државата доживува драматичен економски пад, што се гледа и во колапсот на странските инвестиции, односно дека имаме трипати помалку донесени такви инвестици
Штетата од скандалот со ИПАРД-фондовите е речиси 130 милиони евра, рече денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, посочувајќи дека изминатите 15 месеци укажувале на корумпираноста на власта, како и дека целиот тој систем е контролиран од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Досега се склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои се исплатени само 10 милиони. Во моментот над 180 инвестиции вредно над 25 милиони евра се директно погодени, уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани. И Владата, нормално, сето ова го крие, не сака да го коментира“,
рече тој.
Овој скандал, како што додаде, е на штета на земјоделците кои вложиле и чекаат финансиска поддршка.
„Не е само ИПАРД, тука се ниски откупни цени, ниски субвенции и сега дополнително кратење на средствата од ИПАРД поради корупција. Ова е срам пред Европа за нашата земја“,
кажа тој.
Со скандалот од ИПАРД, додаде дека се открива и друга димензија, а тоа е злоупотреба и уцени на земјоделците.
Лидерот на СДСМ ги критикуваше економските политики на Владата, при што рече дека секојдневно добиваат информации за се поголем број отпуштања на вработени од зоните со странски инвестиции, со што сериозно се загрозува егзистенцијата на илјадници семејства. Според него, Владата на премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да донесе нови странски инвестиции, како што најавуваа, туку се затвораат и тие што со години работеа.
„Веќе слушнавме дека две големи компании што со години работат во индустриските зони најавуваат ставање клуч на погоните во земјата. Компанијата ‘Аптив’, која од 2016 година работи тука со 500 вработени и ‘Дура аутомотив системс’, која требаше да реализира нова инвестиција, но тоа не се случи и компанијата најави нејзино стопирање“,
кажа тој.
Со овој негативен тренд, односно од досегашните отпуштања и оние што се во најава до крајот на годината, за околу 30 отсто ќе биде намален бројот на вработени во зоните со странски инвестиции.
„Ова е огромна бројка и огромна загуба на работни места. Ако на ова се додаде и тоа дека десетици компании од сферата на текстилната индустрија наши домашни компании се затвораат изминатите месеци, стигнуваме до бројка на илјадници луѓе и семејства на кои им е загрозена егзистенцијата“,
вели Филипче.
Но, Владата, како што додаде, не нуди решенија.
Според него, државата доживува драматичен економски пад, што се гледа и во колапсот на странските инвестиции, односно дека имаме трипати помалку донесени странски инвестиции.
„Споредбено со годините на СДСМ кога во првите два квартали имаше 600 милиони евра странски инвестиции сега има само околу 200 милиони евра. Значи на третина се сведени странските инвестиции во земјата“,
рече лидерот на опозициската СДСМ.
Смета дека имаме најмала минимална и просечна плата во регионот, највисока инфлација од 4,5 отсто, со што е јасно дека Владата нè носи во економски амбис.
Новиот буџет што деновиве треба да биде презентиран во Собранието го оцени како потрошувачки, а не развоен.
