„Со големо чувство на одговорност започнуваме ново поглавје во развојот на Општина Карпош – заедно, во служба на граѓаните!“, порача новиот градоначалник на Карпош
Новоизбраниот градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска го доби уверението за мандатот на градоначалничката функција што ќе ја извршува во наредните четири години.

Уверението му го врачи претседателот на Општинската изборна комисија на Карпош (ОИК), Александар Мусалевски, кој му посака успешна работа во локалната самоуправа.
„Убав ден за нови почетоци! Денес, 13 ноември – Денот на ослободување на град Скопје, воедно е и мојот прв работен ден како градоначалник на Општина Карпош. Со големо чувство на одговорност започнуваме ново поглавје во развојот на Општина Карпош – заедно, во служба на граѓаните!“,
порача Лукровски.
Освен на градоначалникот, претседателот на ОИК Карпош им ги врачи уверенијата за мандатите и на 27-те советници избрани за членови на Советот на Општина Карпош.

Лукровски им честита на советниците и им посака успешно справување со претстојните работни предизвици.
„Во мене нема да имате само градоначалник, туку и пријател и колега чија врата ќе биде ширум отворена за соработка. Кај мене ќе бидете добредојдени за да ги разгледаме сите отворени прашања, да се консултираме и заедно да изградиме еден поубав Карпош“,
посочи Лукровски.
Сотир Лукровски беше избран за градоначалник на Карпош во вториот круг од локалните избори на 2 ноември кога се соочи со доскорешниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
