Повикувајќи се на информации што во СДСМ ги доставиле свиркачи, односно лица вработени во Министерството за земјоделство, портпаролката на опозициската партија рече дека кумот на Мицкоски се однесувал деспотски во Министерството и вршел притисоци врз вработени за распределба на средства за субвенции и концесии
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го повика Јавното обвинителство да ја прошири истрагата за корупција во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и на други лица бидејќи, како што велат оттаму, информациите кои ги имаат отвораат сериозен сомнеж дека случајот со злоупотреби во ИПАРД-фондовите води директно до врвот на власта.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција објави, како што кажа, серија информации, кои според ставот на партијата што го пренесе таа, покажуваат дека скандалот во Агенцијата не е изолиран случај, туку потврда за „системската корупција“, што ВМРО-ДПМНЕ ја воспоставило во неа по доаѓањето на власт.
Имено, како што наведе Кузеска, уапсениот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието, Илија Стоилев, додека ја вршел функцијата, бил и активен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе.
Она што според портпаролката е интересно, е тоа што осомничениот директор е близок пријател на Игор Миќев познат под прекарот „Панкерот“, кој, пак, како што рече таа, е во кумовска, односно кумашинска врска со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски.
Повикувајќи се на информации што во СДСМ ги доставиле свиркачи, односно лица вработени во Министерството за земјоделство, портпаролката рече дека кумот на Мицкоски се однесувал деспотски во Министерството и вршел притисоци врз вработени за распределба на средства за субвенции и концесии.
Во врска со ваквите наводи Кузеска сподели фотографии од социјалните мрежи од премиерот Мицкоски со Игор Миќев и од Стоилев со Миќев, како потврда за пријателските и роднинските врски меѓу нив.
„Од она што е доставено до нас од овие свиркачи, токму кумот на Мицкоски се споменува како можен главен задолжен за сите криминални шеми и притисоци во министерството. Затоа, според истите информации и тој требало да биде опфатен со истргата“,
рече Кузеска.
Дополнително, рече таа, сопругата на Миќев и кума на премиерот Мицкоски е вработена во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и според информациите што до нив ги доставиле свиркачи, без нејзино одобрение не се пуштала ниту една исплата од порграмата ИПАРД.
Во таа насока, Кузеска рече дека премиерот Христијан Мицкоски ќе мора директно да одговори на неколку прашања, од кои првото што го наведе портпаролката е: „Дали под истрага се неговите кумашини Игор и Цветанка Миќеви?“
„Дали имало провизии и дали дел од провизиите завршувале кај него или во ВМРО-ДПМНЕ? Дали оваа шема на испумпување пари била начин за финансирање на Мицкоски и партијата? Понатаму, дали и колку пари од субвенции се испрани или е побарано мито за да бидат исплатени? Дали кумот на Мицкоски бил човекот кој вршел рекет врз земјоделците преку негови луѓе во Агенцијата за финансиска поддршка?“,
праша Кузеска.
Портпаролката потсети дека СДСМ и минатата година објавувала дека во Агенцијата со која раководеше Стоилев се случува кражба, рекет и мито на секој чекор, што излегло на виделина сега.
„Бараме истрагата за овој случај одма да биде проширена од страна на обвинителството. Бараме да се истражат сите други злоупотреби кои се случувале во агенцијата и во сектор земјоделие за кои укажувавме дека е едно од најкорумпираните сектори откако ДПМНЕ дојде на власт. Во целиов скандал јасно е само дека земјоделците коишто инвестирале се најголемите жртви на партиските криминални шеми за ИПАРД-3“,
рече портпаролката на СДСМ.
