Воениот ветеран Ненад Станиќ, кој се грижи за Хрка, во изјава за медиумите вели дека таа е уморна и исцрпена, но дека засега нема поголеми проблеми и е во стабилна состојба. Засега, како што вели, не прима инфузија
Дијана Хрка, мајката на младиот Стефан Хрка, кој минатата година загина при падот на бетонската натстрешница на Железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад единаесетти ден по ред.
Хрка, која е стационирана пред зградата на парламентот на Србија во Белград, денеска била прегледана од лекар кој пристигнал на местото со возило на Итната медицинска помош.

Воениот ветеран Ненад Станиќ, кој се грижи за Хрка, во изјава за медиумите вели дека таа е уморна и исцрпена, но дека засега нема поголеми проблеми и е во стабилна состојба. Засега, како што вели, не прима инфузија.
„Докторот ја прегледа, засега е стабилна, нема проблеми, но е доста исцрпена. Користи инвалидска количка за да не троши енергија. Нема да одбие да прима инфузија кога ќе биде неопходно, но засега е вака. Докторот не ѝ даде никаква терапија, апсолутно ништо. Дијана е посебна жена. Друг човек досега ќе умреше“,
изјави воениот ветеран Ненад Станиќ, кој се грижи за Дијана Хрка.
На прашањето дали постои опција таа да се откаже и да го прекине штрајкот со глад, кој го започна барајќи правда за својот син и за сите загинати во трагедијата, тој вели:
„Без разлика што ќе се случи, таа нема да се откаже. Нејзината решителност е она што ја дефинира како таква. Сепак, таа е ментално силна и не се откажува.“
Хрка го започна штрајкот со глад на 2 ноември, еден ден по големиот комеморативен собир во Нови Сад одржан на годишнината од трагедијата. Таа бара одговорност за трагедијата во која загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Едно од барањата на Хрка е српскиот претседател Александар Вучиќ да распише предвремени избори.
