Според заедничката студија на невладината организација ГЛОБСЕК и Меѓународниот центар за борба против тероризмот (ИЦЦТ), лица кои зборуваат руски јазик и имаат криминално минато се регрутираат за да спроведуваат саботажни операции низ цела Европа

За потребите на својата хибридна војна против Европа, Русија создаде мрежа на агенти во која државните институции се тесно поврзани со криминалното подземје, пишува „Дојче веле“. Според заедничката студија на невладината организација ГЛОБСЕК и Меѓународниот центар за борба против тероризмот (ИЦЦТ), лица кои зборуваат руски јазик и имаат криминално минато се регрутираат за да спроведуваат саботажни операции низ цела Европа.
Резултатите беа презентирани во Брисел на состанокот на Специјалниот комитет за одбрана на демократиите (ЕУДС) на Европскиот парламент.
Студијата ги поврзува овие тактики со војната против Украина, нагласувајќи дека хибридните операции не се секундарен, туку клучен столб на стратегијата на Русија. Истражувачите ги споредуваат овие тактики со методите на „Исламска држава“ (ИС), која претходно регрутирала криминалци во Европа.
„Овојпат, не е терористичка организација, туку државен актер кој го води регрутирањето и операциите“,
се вели во студијата.
Од јануари 2022 до јули 2025 година, во Европа се регистрирани 110 обиди за саботажа и напади поврзани со Русија, најмногу во Полска и Франција. Од нив, 89 биле успешни, а 21 напад биле спречени. Авторите на студијата веруваат дека бројот на спречени напади е веројатно поголем, бидејќи разузнавачките служби не ги објавуваат сите податоци.
Идентификувани се 131 лице поврзано со инцидентите, од кои најмалку 35 биле претходно осудени и регрутирани во затвори или преку криминални организации. Кремљ обично регрутира мажи на возраст од околу 30 години, од постсоветските земји, кои зборуваат руски и се во тешки животни околности. Регрутирањето често се одвива преку интернет, преку Телеграм, но и со помош на роднини и пријатели.
Главниот мотив за учество во саботажа се парите, од неколку евра за дистрибуција на проруски летоци, до големи суми за напади врз критична инфраструктура.
Одмазда кон Европската Унија за помагањето на Украина
За финансирање на овие активности, Москва користи и нелегални методи за заобиколување на западните санкции.
„Овие канали му овозможуваат на Кремљ да ги избегне ограничувањата и подлабоко да ги вклучи криминалните мрежи во стратегијата на хибридно војување. Нелегалните парични текови, криминалот и хибридните операции не се одвоени, туку елементи на еден единствен план за дејствување. Руската воена кампања, бомбардирањата, палежите и обидите за атентат треба да се гледаат како казна за поддршката на Европската Унија за Украина, но и како подготовка за можен поголем конфликт“,
се наведува во студијата.
Доминика Хајду од ГЛОБСЕК објаснува дека користењето криминалци од страна на руските власти не е ништо ново. Граѓаните кои живееле „источно од Железната завеса“ се сеќаваат како сиромаштијата во СССР создала зависност од сивата економија. По распадот на Советскиот Сојуз, за разлика од другите посткомунистички земји, борбата против корупцијата во Русија не била приоритет. Наместо тоа, корупцијата стана норма и метод на работа на државните институции.
Според Хајд, во 1994 година, во Русија биле активни повеќе од 500 криминални групи, контролирајќи околу 40 000 компании. На почетокот на 2000-тите, поранешните членови на КГБ ја консолидирале својата контрола врз државата, а нивните врски со подземјето станале дел од државниот систем.
Европската Унија мора да реагира
Полскиот политичар Бартломеј Сјенкевич, член на Европскиот парламент од Европската народна партија (ЕПП), смета дека Кремљ долго време користи криминални методи и подземје за регрутирање агенти во Европа.
„Проблемот е како да се реагира. Сакаме да дејствуваме против регрутите, но активностите на Телеграм сè уште не се запрени, иако Европската Унија треба да ги контролира таквите платформи“,
вели Сјенкевич за „Дојче веле“.
Авторите на студијата предлагаат голем број мерки за Европската Унија да реагира, вклучително и подобро следење на онлајн платформите, особено на Телеграм. Тие исто така предлагаат проширување на дефиницијата за „хибридни закани“, бидејќи многу национални стратегии не ја земаат доволно предвид улогата на „неформалните актери како што се криминални групи, идеолошки посредници или поединци што дејствуваат во личен интерес“. Токму оваа правна празнина ѝ дозволува на Русија да ја негира одговорноста за напади и саботажи.
Доминика Хајду го нагласува значењето на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор. Затоа таа се залага за создавање координативна платформа за спречување на руски хибридни напади врз европските земји.
