Одлуката е донесена по актуелните случувања во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, односно апсењето на нејзиниот директор и уште четири лица поради давање и земање мито
„За ваквата одлука истиот ден се известени Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии
Министерството за финансии попладнево соопшти дека државата преку своите структури и органите за управување со средствата од ИПА/ИПРАД-инструментот на Европската Унија донела одлука за времен прекин на исплатите на средствата во ИПАРД-програмата.

Одлуката, како што велат од Министерството, следува по актуелните случувања во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Имено, поради основани сомневања за коруптивни активности, минатата недела во акцијата на истражните органи беа уапсени актуелниот директор на Агенцијата и уште четири лица поради давање и земање мито.
Од Министерството за финансии велат дека за одлуката за времено стопирање на исплатите уште истиот ден била известена Европската комисија (ЕК), чиј повратен одговор бил дека ја поздравуваат одлуката на националните структури во земјава.
„За ваквата одлука истиот ден се известени Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење ефективни мерки за заштита од измами и корупција“,
се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека националните структури за управување со средства од ИПА/ИПАРД-инструментот веќе преземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.
Како што потсетуваат од Министерството РС Македонија, Европската комисија уште од 2009 година го има добиено правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД-инструментот.
Од Делегацијата на Европската Унија во земјава за ТВ Телма во врска со случајот рекле дека ја поздравуваат одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од програмата ИПАРД-3, без да дадат дополнителни коментари бидејќи, како што навеле оттаму, во тек е истрага на надлежните институциите во земјава, од кои очекуваат да постапуваат сериозно по ова прашање.
Од Делегацијата, додале дека Европската комисија побарала дополнителни информации од националните институции за случајот и дека ЕК ја задржува можноста да преземе превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на Европската Унија.
„Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари. Очекуваме институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. Европската Унија останува посветена на обезбедување на поддршка за фармерите, земјоделството и руралните области, доколку средствата од ЕУ се обезбедени соодветно“,
рекле од Делегацијата на Европската Унија во земјава за ТВ Телма.

Додека трае истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, поранешниот и актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска излегоа со спротивставени изјави околу прашањето дали се замрзнати или не средствата од програмата ИПАРД-3.
Ексминистерот за земјоделство во претходната влада на СДСМ и актуелен пратеник во Собранието, Љупчо Николовски, на прес-конференција рече дека петокот попладне од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање плаќања, е донесена и диструбирана до македонските власти одлука за суспендирање на програмата ИПАРД-3, односно одлука за суспендирање на плаќањата во рамките на оваа програма.
Неговиот наследник во ресорното Министерството, Цветан Трипуновски реагираше на наводите на Николовски, наведувајќи дека нема најава од Брисел за блокада на ИПАРД-средствата што ги користи државата.
Трипуновски рече дека освен што не најавен прекин на програма, Брисел ги поздравува чекорите кои се преземаат за борба против корупцијата и проверките во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Она што веднаш по сознанието односно акцијата којашто ја спроведе МВР и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД-средствата“,
рече Трипуновски.
На прес-конференцијата на Николовски реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде што негираа дека се суспендирани средствата од програмата ИПАРД-3 и дека ексмининистерот нема кредибилитет да коментира теми поврзани со злоупотреби.
