Во врска со манипулациите дека ИПАРД-средствата се запрени, од партијата велат дека тоа е лага

Љупчо Николовски не е релевантен да зборува на тема корупција бидејќи тој е корупцијата во земјоделството. Ова е дел од реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на ексминистерот за земјоделство од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски.
Во соопштението се наведува дека поранешниот министер, кого го нарекуваат „путер Николовски“ поради акција за заплена на путер, нема кредибилитет да коментира теми поврзани со злоупотреби.
Партијата тврди дека постои брза и недвосмислена одговорност во случајот со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), што, според нив, е спротивно на периодот на СДСМ кога функционерите биле бранети.
Во врска со манипулациите дека ИПАРД-средствата се запрени, од партијата велат дека тоа е лага.
„Брисел нема најава за блокада на ИПАРД-средствата на коишто сме како држава корисници“,
се наведува во реакцијата.
Понатаму, партијата тврди дека актуелната борба против корупцијата и дополнителните проверки кои се спроведуваат во Агенцијата за финансиска поддршка се „силно пофалени од страна на Брисел“.
По акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, од партијата информираат дека се преземени дополнителни активности за проверка на работењето на АФПЗРР. Се очекуваат одредени активности во делот на зајакнување на контролните механизми и проверки на исплатата на ИПАРД-средствата.
Од таму најавуваат дека по завршувањето на овие активности, исплатата на средствата „ќе продолжи со планирана динамика“.
Претходно денеска, ексминистерот за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, изјави дека во петокот од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање плаќања е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на програмата ИПАРД-3. Одлуката, како што додаде, стапила во сила веднаш, на неопределено време.
По изјавата на Николоски со реакција се јави и актуелниот министер во овој ресор, Цветан Трипуновски, кој рече дека нема најава од Брисел за блокада на ИПАРД-средствата кои ги користи земјата.
Министерот вели дека освен што не е најавен прекин на програмата, Брисел ги поздравува чекорите кои се преземаат за борба против корупцијата и проверките во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, чиј директор минатата недела беше приведен поради сомнеж за примање поткуп.
