Претходно денеска, ексминистерот за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, изјави дека во петокот до македонските власти е доставена одлука за суспендирање на програмата ИПАРД-3 која стапила во сила веднаш, на неопределено време
Нема најава од Брисел за блокада на ИПАРД-средствата кои ги користиме, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски откако опозицискиот СДСМ објави дека во петокот до македонските власти била доставена одлука за суспендирање на програмата ИПАРД-3.

Министерот вели дека освен што не е најавен прекин на програмата, Брисел ги поздравува чекорите кои се преземаат за борба против корупцијата и проверките во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, чиј директор минатата недела беше приведен поради сомнеж за примање поткуп.
„Она што веднаш по сознанието односно акцијата којашто ја спроведе МВР и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД-средствата“,
вели Трипуновски, додавајќи дека наскоро Агенцијата ќе добие нов директор.
Претходно денеска, ексминистерот за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, изјави дека во петокот од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање плаќања е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на програмата ИПАРД-3. Одлуката, како што додаде, стапила во сила веднаш, на неопределено време.
