„Град Скопје е веќе во комуникација со Владата за набавка нови екоавтобуси кои значително ќе го подигнат јавниот превоз на високо ниво“, објави скопскиот градоначалник
Подобрување на транспортниот систем преку реализација на проектот „Градски воз“, набавка на нови екоавтобуси и модернизација на инфраструктурата во Скопје биле темите на кои разговарале градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски за време на денешната средба.

Ја нагласиле потреба од нов план за трансформација на сообраќајниот систем во главниот град со кој, како што посочиле, ќе се постигне поголема ефикасност, економичност и ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните.
„По започнувањето на изградбата на првата од трите линии на ‘Градскиот воз’, следен приоритет ќе биде подготовката на другите две линии кон Ѓорче Петров и кон Миладиновци. Град Скопје е веќе во комуникација со Владата за набавка нови еколошки автобуси кои значително ќе го подигнат јавниот превоз на едно високо ниво“,
порача Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Ѓорѓиевски изрази благодарност до министерот за транспорт, но и до премиерот Христијан Мицкоски и целиот владин тим, за како што рече, постојаната поддршка и визија.
„Министерот Николоски ја потенцираше силната заложба на Владата за реализација на капитални инвестиции во главниот град како темел на неговиот иден развој. Разговаравме за заедничките проекти кои ќе ги реализираме и што ќе донесат вистински бенефит за сите жители на нашиот град. Скопје ќе го развиваме заедно, со работа, со посветеност и со јасна цел – да изградиме модерен и функционален град во кој сите ќе живееме подобро“,
додава новиот скопски градоначалник.
