Во описот за случајот, од Обвинителството велат дека иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите за користење на средства од ИПАРД-програмата, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок во износ од 50 илјади евра, вчера потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице. Притоа, примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при претрес се пронајдени кај него и му се одземени
Петмина осомничени за поткуп се приведени во вчерашната акција во која се вршеа претреси на повеќе локации низ државата од страна на Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и единиците на Министерството за внатрешни работи (МВР).

МВР и Обвинителството денеска излегоа со детали за вчерашната акција, во која, е приведен и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, како и управител на правно лице што не ги исполнувало условите за користење на финансиски средства од ИПАРД-програмата, како и три други лица, вработени во УЈП и МЗШВ, кои биле посредници при давањето поткуп.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска изнесоа информација за акцијата, во која вчера попладне се приведени пет лица поради сомнежи дека првоосомничениот Џ.Н. (77) ги сторил кривичните дела давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание. Три лица, А.Ф. (44). Ј.К. (35) и И.С. (57), се осомничени дека како посредници сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание, а едно лице Ф.Ф. (47) дека сторил кривично дело – давање поткуп.
Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против сите осомничени.
Во описот за случајот, оттаму велат дека првоосомничениот, како управител на правно лице, од февруари годинава до вчера, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветувал подарок – парични средства на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
„Другите тројца осомничени, од кои еден е даночен референт во Управата за јавни приходи (УЈП) РД Скопје, а друг е државен службеник вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), ги искористиле своето реално влијание и службената положба и побарале и го поттикнале директорот на Агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите предвидени во Јавниот повик бр. 01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД-програмата за мерка 3, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок во износ од 50 илјади евра, вчера потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице. Притоа, примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при претрес се пронајдени кај него и му се одземени.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка при Кривичниот суд Скопје предложи определување мерка притвор за петтемина осомничени.
