„Јас се водам по една стара максима којашто вели: ‘Не му прави на човека тоа што не сакаш тебе да ти прават’. Ние апсолутно стоиме надвор од тие процеси, не нè интересираат, тоа си е внатрешна работа на политичките партии, дали во ДУИ ќе има одредени кадровски освежувања или поместувања, дали во СДСМ, тоа си е нивна работа“, изјави денеска Мицкоски
Од друга страна, пак, партијата со која раководи Мицкоски и по првиот и по вториот круг од локалните избори речиси секојдневно објавува соопштенија во кои велат дека Филипче е главен виновник за лошиот резултат на СДСМ на локалните избори и затоа треба итно да си поднесе оставка
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, денеска не сакаше да одговори на прашањето дали смета дека е потребна промена на лидерската позиција во опозицискиот СДСМ, наведувајќи дека тоа е внатрешна работа на политичките партии.

„Тоа е нивна работа“,
рече Мицкоски одговарајќи на прашањето дали смета дека претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, треба да си даде оставка по поразот на партијата на локалните избори.
Тој, дополнувајќи се во одговорот, рече дека како претседател на ВМРО-ДПМНЕ имал многу „надворешни замешателства“ и кога биле во опозиција и во периодот по локалните избори во 2021 година, затоа смета дека е внатрешна работа на партиите дали ќе имаат одредени кадровски освежувања или поместувања.
„Јас се водам по една стара максима којашто вели: ‘Не му прави на човека тоа што не сакаш тебе да ти прават’. Ние апсолутно стоиме надвор од тие процеси, не нè интересираат, тоа си е внатрешна работа на политичките партии, дали во ДУИ ќе има одредени кадровски освежувања или поместувања, дали во СДСМ, тоа си е нивна работа“,
рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Она што нив ги интересира, додаде тој, е што и да се случува, сите подеднакво да се грижиме за државата бидејќи ова е наша заедничка држава.
Тоа, како што додаде, е неговата порака до двете опозициски партии оти, како што рече, таму ќе има одредени структурни поместувања.
„Без разлика дали ние некогаш сме во Владата, некогаш во опозиција, треба да се грижиме за иднината на оваа држава и за достоинството на граѓаните. Тоа е мојата порака и до едната и до другата опозициска партија, бидејќи таму следам дека ќе има одредени структурни поместувања“,
изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Петровец, каде што присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на дом на култура.
Од друга страна, пак, партијата со која раководи Мицкоски и по првиот и по вториот круг од локалните избори речиси секојдневно објавува соопштенија во кои велат дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, треба итно да си поднесе оставка. ОД ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека претседателот на социјалдемократите заедно со експретседателот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, се главни виновници за лошиот резултат на оваа партија на локалните избори.

„СДС предводена од Венко Филипче го изгуби во прв круг и бастионот Струмица. ВМРО-ДПМНE пак ја освои Струмица во прв круг. Граѓаните и во бастионот на СДС јасно им кажаа не на нивните политики…
Венко Филипче, ни помалку ни повеќе, ја направи СДСМ трета партија, по општини гледано некаде и четврта…Резултатите од овие избори целосно го декласираа Венко Филипче…
Единствениот добар и користен потег што може да го направи за народот и за самата СДС е да си поднесе оставка“,
велеа од ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори.
Идентичен е наративот на владејачката партија и по вториот круг од локалните избори.
„Овој историски дебакл на СДС има име и презиме. Венко Филипче, што поразот го претставува како успех, под диктат на неговиот ментор Зоран Заев, партијата ја дотурка до раб на исчезнување. Многу очигледно е дека СДС и натаму функционира под диригентство на Заев, зошто Филипче ниту се дистанцираше од него и неговите политики, ниту покажа капацитет да ја врати партијата на вистински пат. Туку напротив, Филипче со Заев тераше луди журки во Дубаи и луксузни одмори по Халкидики. И покрај ваквиот историски пораз, во СДС нема реформи. Во партијата на чело со Филипче упорно се прави обид за негов спас и криењето на вистинскиот виновник. Потребно е итна оставка на Венко Филипче и реформи во СДС, затоа што на Македонија ѝ е потребна вистинска, консолидирана и силна опозиција со кредибилитет“,
се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
