Според Гаши, нов Изборен законик е потребен и поради финансирањето на партиите за време на кампања, што како проблем се покажа на овие избори, бидејќи две партии – Левица и ЗНАМ, иако имаат пратенички групи во законодавниот дом, не добија пристап до државни пари за платено политичко рекламирање
За потсетување, Кривичниот законик се најде и пред Уставниот суд, кој одлучи да му даде рок од шест месеци на Собранието да ги коригира одредбите. Одлуката Уставен ја донесе на 12 февруари, што значи дека овој рок е веќе пробиен
Координаторите на пратеничките групи во Собранието се согласиле оти е потребно на маса да се стави прашањето за Изборниот законик и да се бара консензуално решенија за донесување на нови одредби што ќе ги пополнат празнините и недореченостите во него. За ова денеска на брифинг со новинарите информира претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој, говорејќи на темата, рече оти се потребни или измени на Изборниот законик или да се донесе целосно нов закон.

Неделниот брифинг Гаши го одржа по состанокот со координаторите на пратеничките групи во парламентот, а кој доаѓа по неколкунеделна пауза во работата на Собранието поради локалните избори.
Според Гаши, нов Изборен законик е потребен и поради финансирањето на партиите за време на кампања, што како проблем се покажа на овие избори, бидејќи две партии – Левица и ЗНАМ, иако имаат пратенички групи во законодавниот дом не добија пристап до државни пари за платено политичко рекламирање. Во врска со ова Левица реагираше до повеќе институции, но сите нивни иницијативи беа отфрлени со објаснување дека околноста поради која не можат да се рекламираат со државни пари произлегува од одредбите во Изборниот законик.
„На првата координација по паузата за изборите, разговаравме да се донесе нов Изборниот законик, на консензуален начин. Нов Изборен законик треба, меѓу другото, и поради финансирањето на партиите. Беше проблем бидејќи одредбите напишани во 2021 година не соодветствуваат со реалноста. Имаше три на власт, три во опозиција. Не е исклучено да се зборува и за промена на изборниот систем, на пример, Македонија да биде една изборна единица“,
рече собранискиот спикер, пренесе МИА.
Според Гаши, со измените на Изборниот законик или со новото законско решение треба да се надминат сите проблеми што досега се евидентирани во изборните процеси, без разлика дали се работи за парламентарни, претседателски или локални избори.
„Препораките на ОБСЕ, начинот на финансирање на кампањата, начинот на кандидирање на независни кандидати, цензусите, предвремената кампања, но и теми како изборниот модел или организирање во една изборна единица – сите прашања во врска со изборите се очекува да бидат опфатени“,
рече тој.

Претседателот на Собранието рече дека на состанокот со координаторите на пратеничките групи не станало збор за Кривичниот законик, кој, исто така, треба да претрпи измени. Ваквата потреба се наложи по контроверзните измени од 6 септември 2023 година, со кои повеќе високопрофилни сдуски предмети за корупција што се водеа против поранешни државни функционери застареа, а дел беа амнестирани од одговорност токму поради измените.
За потсетување, Кривичниот законик се најде и пред Уставниот суд, кој одлучи да поведе постапка и да му даде рок од шест месеци на Собранието да ги коригира одредбите. Одлуката Уставен ја донесе на 12 февруари, што значи дека овој рок е веќе пробиен.
Гаши на брифингот кажа дека вратата на Собранието за измени на Кривичниот законик е отворена, но засега сè уште нема предлог, кој треба да дојде од Владата.
„Уште нема предлог, тоа зависи од Владата“,
рече Гаши, кој, како што потсетува МИА, кога ги распиша локалните избори во август, потенцира дека новиот предлог- кривичен законик „само што не пристигнал во Собранието, бидејќи така му било најавено од министерот за правда Игор Филков и од Владата“.

Прашан околу распишувањето на локалните избори во четирите општини каде што не беше постигнат законскиот цензус од една третина излезеност – Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово-Ростуше, Гаши истакна дека ќе одржи консултација со Државната изборна комисија затоа што, како што рече, има нејаснотии околу рокот за распишување.
Според Изборниот законик, повторените избори треба да се распишат во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори. Од друга страна, според собранискиот спикер, дилемата е дали тие 60 дена се бројат од конечноста на резултатите во првиот круг, кога ДИК констатира дека во четири општини не е постигнат цензусот или по конечните резултати по вториот круг.
Претседателот на Собранието информира и дека на 15 јануари следната година истекува мандатот на актуелниот состав на Државната изборна комисија (ДИК), што се поклопува со времето кога треба да се одржат повторените избори во четирите општини.
„Според законот, мандатот на член на ДИК трае пет години, до избор на нов член и со оваа формулација ‘до изборот на нов’ ќе се продолжи мандатот на актуелните членови додека завршат изборите во четирите општини“,
рече тој.
Прашан за законот за локална самоуправа, кој, меѓу другото, ја внесува можноста за референдум за отповикување на градоначалниците доколку не си ја вршат добро работата, а кој остана заглавен во Собранието и не се донесе пред изборите, иако власта го најавуваше тоа, спикерот кажа дека повторно ќе се отвори расправа.
Сепак, тој не можеше да прецизира дали ќе се отстрани делот „овој закон ќе стапи во сила од следните локални избори”, зашто ако не се смени, тоа ќе значи дека новиот закон ќе им оди во прилог на градоначалниците избрани на овие локални избори, од кои најголем број се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа зависи од волјата на пратеничките групи. Штом ќе има волја, веднаш ќе биде ставен во собраниска процедура“,
рече Гаши.
Во однос на отворање на Уставот, претседателот на Собранието рече дека засега нема најава за такво нешто по ниту едно прашање.
Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање околу мислењето на Венецијанската комисија дека се потребни уставни измени за поголема независност на Јавното обвинителство.
Гаши соопшти дека предлог-буџетот за 2026 година стигнал вчера во Собранието и оти на пленарна седница ќе се најде на 9 декември, а овластените предлагачи ќе можат да достават амандмани до 10 ноември.
