Истражните органи соопштија дека за еден од новоприведените постојат ДНК-траги што го поврзуваат со грабежот, а останатите четворица уапсени би можеле да споделат информации за тоа како е извршена кражбата
Француската полиција уапси петмина нови осомничени за грабежот на кралскиот накит од музејот „Лувр“ во Париз. За еден од новоприведените се смета дека бил дел од четиричлената група што ја изврши кражбата. За него, како што изјавија истражните органи, постојат ДНК-траги што го поврзуваат со грабежот, а останатите четворица приведени би можеле да споделат информации за тоа како е извршена кражбата.

Париската јавна обвинителка Лор Бекуо изјави дека апсењето на новата група осомничени е извршено вчеравечер во Париз и во околината, но рече дека украдениот накит сè уште не е пронајден.
Во однос на двајцата мажи кои беа приведени претходно во саботата, обвинителката соопшти дека делумно ја признале својата улога во грабежот и ќе бидат обвинети за организирање кражба и криминален заговор – кривични дела за кои се предвидени затворски казни од 15, односно од 10 години.
Кражбата на кралскиот накит од „Лувр“ се случи на 19 октомври, утрото околу 9:30 часот, кога група од четири лица облечени како работници се приближиле до музејот со украден камион и преку кран се качиле до галеријата „Аполо“ на првиот кат. За помалку од седум минути, од галеријата изнеле скапоцен накит што некогаш им припаѓал на француските владетели, вклучувајќи ја и царицата Евгенија, сопруга на Наполеон Трети.
