Првиот човек на БЈБ, Александар Јанев, посочи дека целта е да се обезбеди мирен, безбеден и демократски изборен процес, а полицијата е подготвена да ги преземе сите неопходни мерки за граѓаните слободно да го остварат правото на глас
Како и во првиот изборен круг, така и за време на гласањето во вториот круг од локалните избори, во близина на избирачките места и на потенцијалните ризични локации ќе бидат распределени полициски службеници, а безбедноста дополнително ќе се гарантира со воздушно набљудување со дронови.

Ова го соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, по вчерашната посета на ОВР Кочани, каде, како што наведе, се сретнал со раководството на сите градови каде што ќе се одржи вториот круг од локалните избори. Во текот на средбата тој бил информиран за актуелната безбедносна состојба и за сите предизвици со кои се соочува полицијата во пресрет на гласањето на 2 ноември.
„Нашата обврска е јасна – да обезбедиме мирен, безбеден и демократски изборен процес. Полицијата ги презема и ќе ги преземе сите неопходни мерки, со цел граѓаните слободно да го остварат своето демократско право на глас без притисоци, без страв и без закани. Не постои и нема да постои толеранција за ниту едно незаконско дејствување. Секој поединец кој ќе се обиде да ги наруши законите и демократските правила, без разлика од каде доаѓа, ќе се соочи со брза, професионална и одлучна полициска реакција“,
посочи Јанев.
