Во зимската сезона, која ќе трае до крајот на март следната година, двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации. Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата „Визер“, со субвенции од Владата
Викендов почнува зимскиот распоред на летови за 2025/26 година. Од скопскиот меѓународен аеродром ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер-дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании.
Оваа информација ја потврди и „ТАВ Македонија“, концесионер на македонските аеродроми.

Во зимската сезона, што ќе трае до крајот на март следната година, двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации. Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата „Визер“, со субвенции од Владата.
На 28 октомври, Скопје за првпат ќе се поврзе со Мадрид, а од 15 декември со Прага, а се враќа и линијата до Келн.
Од 30 март следната година, двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Скопскиот аеродром ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден „Визер“ отвора нова дестинација во Италија – Неапол.
На 20 март 2026 година охридскиот аеродром ќе биде поврзан со Милано. Нова дестинација е и линијата Скопје до Женева, која ќе стартува од 3 ноември.
„ТАВ Македонија“ преговара со авиокомпании за директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток, како и со Шпанија и Обединетото Кралство.
Можности за нови директни линии се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, што месецов во Лондон го потпишаа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и англискиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација, Киер Метер.
Скопскиот и охридскиот аеродром во првите девет месеци од годинава опслужиле 2 585 096 патници, што е зголемување од шест отсто во споредба со истиот период лани.
Преку скопскиот Аеродром се превезени 2 375 264 патници, што е за 5,4 отсто повеќе од минатата година, а аеродромот во Охрид има двоцифрен пораст од 16,2 отсто со 209 832 превезени патници.
Има зголемување и на бројот на летови, за три отсто во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20 141 лет.
