Американскиот претседател ја пофали „големата храброст и патриотизам“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху велејќи дека неговото партнерство многу придонело за да биде можен овој ден
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска одржа говор во Кнесетот за што рече дека е голема чест.

Трамп нагласи дека овој ден е ден за благодарност кон семоќниот Бог на Аврам, Исак и Јаков.
„Денеска небото е мирно, пушките молчат, сирените се тивки и сонцето изгрева над Светата земја која конечно е во мир“,
рече Трамп, откако ја пофали храброста на 20 живи заложници кои денеска се вратија кај своите семејства.
Тој изрази надеж дека регионот засекогаш ќе живее во мир.
„Ова не е само крај на војната, туку и крај на едно доба на терор и смрт, и почеток на доба на вера, надеж и Бог. Ова е почеток на ера на хармонија за Израел и земјите од регионот. Ова е историската зора на новиот Блиски Исток“,
рече Трамп.
Американскиот претседател ја пофали „големата храброст и патриотизам“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху велејќи дека неговото партнерство многу придонело за да биде можен овој ден.
Тој го замоли Нетанјаху да стане, додека присутните аплаудираа.
„И да знаете, не е лесен човек, морам да ви кажам. Не е најлесен за соработка. Но токму тоа го прави голем … Ти благодарам многу, Биби. Одлична работа“,
рече Трамп.
Тој им се заблагодари на арапските и муслиманските земји кои извршиле притисок врз Хамас да ги ослободи заложниците што ги држеше, нарекувајќи го тоа неверојатен триумф за Израел – што сите овие нации работат заедно како партнери во мирот.
„Ова ќе се запамети како моментот кога сè почна да се менува. Ова ќе биде златното доба на Израел и златното доба на Блискиот Исток“,
рече американскиот претседател.