До овој момент ова е единствената кривична пријава во врска со настанот, велат од Јавното обвинителство и додаваат дека надлежен јавен обвинител постапува по пријавата и презема дејствија
До Основното јавно обвинителство Куманово денеска е доставен кривична пријава против две лица во врска со вооружениот инцидентот во Куманово во вторникот во кој беше ранет носителот на советничката листа на ДУИ за локалните избори во Општина Липково, д-р Зекирија Шаини.

Кривичната пријава, како што информираа од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, е поднесена против едно лице за делото загрозување на сигурноста, како и против поранешната сопруга на оштетениот за поттикнување при извршување на тоа дело.
Од Обвинителството појаснуваат дека кривичната пријава се однесува претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат.
„Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија“,
велат од Јавното обвинителството.
До овој момент, како што додаваат оттаму, ова е единствената кривична пријава во врска со настанот.
Вооружениот инцидент во кој беше ранет лекарот вработен на Клиниката за пулмологија, д-р Зекирија Шаини, се случи во вторникот попладне, околу 14 часот во центарот на Куманово. Во него било пукано додека со возило се движел по улицата „11 Октомври“ во градот.
Д-р Шаини со четири прострелни рани во пределот на левата подлактица и десното колено првично беше пренесен во кумановската болница, а потоа и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, од каде што за кратко време соопштија дека не е во животна опасност.
Од Јавното обвинителство истиот ден соопштија дека на местото увид извршиле двајца обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово и дека првичните сознанија не упатуваат на политички мотиви за инцидентот.
Следниот ден Министерството за внатрешни работи потврди дека е приведена сопругата на д-р Шаини под сомнение дека е поврзана со обидот за негово убиство.
Сепак, според денешните наводи од Јавното обвинителството, овие сомненија сè уште се проверуваат и не е поднесена кривична пријава за дело убиство во обид.
Докторот Зекирија Шаини во средата се огласи во врска со инцидентот, а во неговата реакција што ја пренесе ТВ Алсат кажа дека се работи за обид за убиство, но повика случајот да не се политизира и да не се поврзува со никакви политички судири бидејќи, како што вели, нема непријателство со никого.