Тој нагласи дека ќе се изградат и нов кружен тек кај „Нова Македонија“ и два кружни тека кај булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Железничка“, со што ќе се воспостават „паметни сообраќајни решенија според европските стандарди“

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска претстави дел од својата програма, со која вели дека ќе ја промени сообраќајната иднина на градот.
Ѓорѓиевски го најави проектот за првата фаза од булеварот „Македонија“ и претворање на улицата „Даме Груев“ во булевар.
Според него, со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под комплексот „Лимак“, Скопје ќе ја добие првата улица од таков вид во Скопје.
„Таа ќе има шест ленти – четири за двосмерен сообраќај на автомобили, две за автобуси и дополнителни тротоари. Со оваа подземна сообраќајница, сообраќајот ќе тече сосема непречено, а центарот ќе доживее значително растоварување, што ќе го направи движењето низ целиот град многу покомфорно и побезбедно“,
изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека ќе се изградат и нов кружен тек кај „Нова Македонија“ и два кружни тека кај булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Железничка“, со што ќе се воспостават „паметни сообраќајни решенија според европските стандарди“.
Ѓорѓиевски информира дека предвидуваат и улицата „Даме Груев“ да премине во булеварско решение. И покрај предизвиците со зградата на „Макотекс“, тој најави дека имаат јасен план за правно и техничко решение.
Во однос на паркирањето, кандидатот најави изградба на современа катна гаража од европски тип во Буњаковец, на местото на дотраените бараки, и монтажни паркинзи во Капиштец и на локација под скопското Кале.
Ѓорѓиевски побара поддршка за кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ.
Лабудовиќ истакна дека заедно со Ѓорѓиевски имаат визија за подобар град. Тој најави дека ќе работат на подобрување на хигиената, безбедноста, организиран јавен превоз, повеќе паркинг-места и систем за паметно паркирање.