Предложените измени, како што стои во текстот на Законот, е со цел да се избрише ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност

Укинување на ослободувањето од плаќање ДДВ за производите што граѓаните ги нарачуваат од странство, а чија вредност не надминува 22 евра предвидуваат измените на Законот за додадена вредност (ДДВ) што Владата го има доставено до Собранието.
Предложените измени, како што стои во текстот на Законот, е со цел да се избрише ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност.
Со оваа измена, сите нарачки кои беа ослободени од ДДВ и чија вкупна вредност беше до 22 евра, ќе поскапат за 18 проценти, колку што изнесува актуелната стапка на ДДВ.
Во предлог-измените се пропишува ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра, но ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун.
„Кога вкупната вредност на пратката која се состои од две или повеќе добра го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, ослободувањето се одобрува до тој износ за добрата кои доколку би биле увезени поединечно би биле ослободени. Кога вредноста на поединечното добро го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, неговата вредност не може да се подели заради остварување на правото на ослободување до висината на тој износ“,
се наведува во предлог-измените на законот што може да се најде на веб-страницата на Собранието.
Ослободување е предвидено и за домашните патници кои доаѓаат од странство, но за предмети што се наменети за нивни лични потреби или, пак, за други предмети со мала вредност покрај предметите од личниот багаж, кои ги внесуваат од странство, а кои не се од комерцијална природа.
Исто така, предлог-измените предвидуваат ослободување за лекови што патниците ги носат за лична употреба или ги добиваат во пратки од странство.
Измените на Законот ќе се разгледуваат во Собранието по редовна постапка, а тие ќе се најдат пред пратениците во прво читање по завршување на локалните избори, чиј прв круг е закажан за 19 октомври, а вториот на 2 ноември.