Дел од комеморативните настани во Израел се претворија во собири од кои присутните ја повикаа израелската влада да постигне договор за враќање на заложниците дома и да се стави крај на војната
Денеска во Израел ќе се одржат собири за одбележување на втората годишнина од нападот врз јужниот дел на земјата во кој милитантите предводени од Хамас убија околу 1 200 луѓе и зедоа 251 заложник.

Неофицијални комеморации ќе се одржат во малиот кибуц во јужен Израел чии членови беа убиени или киднапирани, а голем собир ќе се одржи во Тел Авив, од кој ќе биде упатен повик за ослободување на преостанатите заложници што сè уште ги држи Хамас во Газа.
Официјалната национална церемонија на сеќавање ќе се одржи на 16 октомври на националните гробишта во Израел на планината Херцл по еврејскиот празник Симхат Тора.
Сеќавањето на колективната траума од нападот пред две години, кој е најсмртоносниот поединечен напад во историјата на Израел, сè уште е силно присутно низ целата земја. Лицата на заложниците што сè уште се држат во Газа се залепени на автобуските станици низ целата земја, а домовите што беа запалени од милитантите при нападот низ кибуците остануваат напуштени.
Стотици преживеани од нападот на музичкиот фестивал „Нова“ присуствуваа на комеморацијата во неделата, заедно со поранешните заложници и семејствата на жртвите.
„Овој ангел денес ќе наполнеше 27 години. Го живеам сеќавањето како да беше пред еден час“,
рече Офир Дор, чиј син Идан Дор беше убиен на фестивалот, стоејќи под споменикот на кој се прикажани лицата на жртвите, пренесува „Гардијан“.
Одбележувањето на годишнината се одвива во ситуација на зголемени надежи дека војната во Газа конечно може да заврши. Преговарачи од Хамас и Израел вчера се собраа во Египет, каде што започнаа индиректни разговори околу деталите за ослободувањето на сите заложници држени во Газа и враќањето на речиси 2 000 палестински затвореници. Според извештаите се разговара и за првично повлекување на израелските трупи од Газа.
Оваа рунда преговори, иако е сè уште во почетна фаза, предизвикува поголем ентузијазам од сите мировни напори што беа направени досега, меѓу кои и последниот договор за прекин на огнот кој заврши во средината на март.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави оти се надева дека ќе го објави ослободувањето на заложниците „во наредните денови“, додека Доналд Трамп му се закани на Хамас со „тотално уништување“ ако не дојде до договор за мировниот план.
Дел од комеморативните настани во Израел се претворија во собири од кои присутните ја повикаа израелската влада да постигне договор за враќање на заложниците дома и да се стави крај на војната.
На собирот на Плоштадот на заложниците во Тел Авив во саботата семејствата побараа од Нетанјаху да се согласи со планот на Трамп за ставање крај на војната во Газа.

Во Газа, Палестинците со нетрпение исчекуваат дали ќе се реализира планот за ставање крај на конфликтот.
И покрај барањата на Трамп Израел да престане да ја бомбардира Газа во очекување на ослободување на заложници, нападите врз Појасот Газа продолжуваат.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 19 лица биле убиени во израелските напади во последните 24 часа.
Според Министерството за здравство на Газа, повеќе од 67 000 Палестинци се убиени, а околу 170 000 се ранети во двегодишните воени операции на Израел во Газа.
Според извештаите, најмалку 460 луѓе починале од глад во Појасот. Истражна комисија на Обединетите нации, неколку групи за човекови права и водечкото светско здружение на научници за геноцид изјавија дека Израел извршил геноцид во Газа во последните две години. Израел ги негираше ваквите наводи, тврдејќи дека операциите во Газа биле изведени исклучиво за одбрана на земјата од Хамас.