Скендер Реџепи е родум од Чаир. Кандидат е за градоначалник на Град Скопје од позицијата пратеник во македонското Собрание
Ветува промени во раководењето со градскиот превоз, управувањето со јавните претпријатија и ресурси, но и во пристапот кон давањето на услуги за граѓаните – дека нивниот квалитет треба да биде еднаков за сите жители во границите на Град Скопје
Роден е на 3 април 1968 година. Потекнува од Чаир и во моментов е пратеник во Собранието од редовите на движењето „Попули“. Завршил Филозофски факултет на Државниот универзитет во Тетово. Па, чија филозофија му е најблиска до неговата политичка?
„Јас начелно, иако сум со Филозофски факултет, повеќе ми бил цел невладиниот сектор. Така што повеќе би се повикувал на должноста кон невладиниот сектор отколку кон филозофските мислители“,
вели Реџепи при стартот на нашиот разговор.
Скендер Реџепи е еден од 17-те кандидати во трката за нов градоначалник на Скопје. Веќе има богато политичко искуство. Во македонското Собрание влегува по парламентарните избори во 2020 година, како дел од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Кога овој политички ентитет влегува на местото на БЕСА во власта, незадоволен од политичкиот договор, Реџепи ја напушта Алтернатива и ја формира политичката партија „Попули“.

Во 2024 година ги приближува ставовите со Европскиот фронт предводен од ДУИ. На 6 август годинава Али Ахмети го официјализираше како кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на Националната алијанса за интеграции.
360°: Скопје во моментов какво е според вас?
Реџепи: Скопје има огромен капацитет за да биде метропола, меѓутоа заглавен е во неправилности, историски грешки со децении наназад од сите власти до сега. Само да ве земам заеднички да прошетаме низ Чаир да видиме како изгледа и истото да го направиме низ Карпош или Аеродром. Разликата е воочлива. Тоа е грешка на скопските власти со децении наназад. Секогаш се користел жаргонот од оваа и таа страна на Вардар. Не било случајно ова, не било само поради реката. Туку било поради националните разлики кои постојат меѓу оваа и таа страна. Јас сакам едно Скопје коешто нема да ја имаа оваа и таа страна.
360°: Ама постојат ли тие разлики или тоа е политичка реторика којашто се употребува…
Реџепи: Поради политиката се наметнати тие разлики. А инаку во граѓанскиот менталитет да седнете со еден скопјанец од Чаир воопшто не се разликува со скопјанец од Центар, Карпош, Кисела Вода.
360°: Ова го припишувате на етничката припадност на досегашните градоначалници?
Реџепи: Обавезно. Тоа е причината. Жалосно е. Не е само до етничката припадност, до политичката припадност на тој што доаѓа на власт.
Разговорот со Скендер Реџепи го водевме по завршувањето на неговата промотивна прес-конференцијата на која говореше и на албански и на македонски јазик.

„Почитувани граѓани на Град Скопје, тука сме заедно со носителот на листата Авдуљселам Селами за да ја претставиме програмата на Град Скопје воедно и членовите за советници на Град Скопје од коалицијата Алијанса за национална интеграција…“,
се обрати кандидатот за градоначалник на Скопје на прес-конференцијата.
360°: Во градот Скопје сметате дека граѓаните се подготвени да гласаат за човек од како што велите вие, другата страна на Вардар?
Реџепи: Граѓаните се подготвени секогаш. Скоро секој ден комуницираме со граѓани од сите етнички заедници. Политичките партии не се подготвени. Уште останале со ментален склоп еднонационални затворени за тесно партиски интереси. Никој не размислува за доброто на Скопје.
Како пример за тоа дека никој не се грижи за градот, Реџепи ги посочува актуелните односи помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Изолиран и во беда е градот, ќе рече Реџепи и тоа поради тесно-партиските интереси на владејчката партија.
360°: Во моментов има еден урбан хаос, недостасуваат автобуси во јавниот превоз, недостасуваат такси возила, од друга страна ни се случуваат Вардариште, Дрисла…нерешени работи. Загадување и транспорт, што ќе превземете вие?
Реџепи: Сите овие што ги спомнавте се дел од таа програма и како што кажав, Скопје иако има потенцијал, намерно е оставено во таква состојба. Урбанистичкиот хаос е евидентен. Затоа ние мислиме дека ДУП-от треба да биде отворен за сите граѓани и експерти. За сите да можат да дадат свои мислења на начин како да се развие Скопје. Таа да биде еднаква и рамноправна и истовремено да се обезбеди инфраструктура за секоја населба која се додава. Само на таков начин може од пренатрупаност да го ослободиме централниот дел на градот.
При презентацијата на својата програма, Реџепи во повеќе наврати говореше за осовременување на градскиот превоз.

„Друго што е многу важно е со апликација, во реално време граѓаните да знаат каде се наоѓа нивниот транспорт…“,
рече на прес-конференцијата.
Но, се осврна и на другите акутни проблеми.
360°: Оној проект на поранешниот градоначалник Шилегов – БРТ. Тој проект ви се гледа како изводлив во главниот град?
Реџепи: Веќе дел од програмата ни е нешто слично. Значи да направиме физибилити студија за трамвајски транспорт, па може и електрични истовремено да биде од центарот кон периферијата. Многу е тешко изводливо, меѓутоа ќе ангажираме експерти, врвни, коишто ќе направат студија за да можеме да си го растеретиме градот од сиот тој сообраќаен хаос. Верувам дека има простор.
360°: Вардариште, Дрисла, хигиена. Тоа треба да биде дел од градски претпријатија или треба да биде јавно-приватно партнерство?
Реџепи: Тоа е поврзано. Скопје е еден од најзагадените градови, па едно време и најзагаден. Тоа е жалосно бидејќи влијае директно врз здравјето на луѓето. Загаденоста доаѓа од истраените автобуси, од домаќинствата коиште користат несоодветни грејни тела, од индустриските објекти, од депониите. Мислам дека нашиот дел е да се идентификуваат сите овие диви депонии.
360°: Дел од нив се идентификувани…
Реџепи: Сите да се идентификуваат и да се расчистат, вклучително и Вардариште кој е еден од најголемите загадувачи и е опасност по живот не само за тие што живеат до неа, туку за сите. По нивно исчистување да станат зелени површини и да станат еколошки паркови. Граѓаните да дишат реален воздух. Ова е поради нефункционалноста на јавните претпријатија. Нашето залагање ќе биде да имаме заедничко приватно партнерство во коишто градот ќе има целосна контрола. Да не дозволиме при такви концепти да ги избегнеме можностите да ги контролираме и да биде сето тоа на штета на граѓаните и на интересот на граѓаните. Истото важи и за Дрисла. Дрисла досега ни 5% од капацитетот за рециклирање не го користи. Нашето залагање е за четири години да стигнеме барем до 30%.

Во своето јавно обраќање, Реџепи говореше за поставување различни сензори…
„Во секое населено место ќе има сензори за вода, сензори за паркинг, сензори за сообраќај и снезори за воздух…“,
Реџепи објави на промотивната прес-конференција.
360°: Би сакале ли да ми објасните какви сензори се тоа?
Реџепи: Реално се сензори кои ќе им овозможат на граѓаните во секое паркиралиште уште пред да влезат да знаат колку има слободни места. Не мора да се шета он по паркинг.
360°: И сега има такви табли.
Реџепи: Не во секоја, ние треба да се залагаме во секоја. Рамноправност и еднаквост кон сите општини треба. Сензор за чист воздух треба во секоја општина.
360°: Каков е тој сензор, нешто како мерна станица?
Реџепи: Мерна станица со монитор. Секој граѓанин ќе може да гледа каква е состојбата со воздухот во местото каде што живее за после да знаеме колку треба да бараме одговорност од властите што владеат и во градот и во општината. Таквите сензори ќе покажуваат во реално време…или сензор за вода – според проценките на експертите многу често има проток на вода.
360°: Не го користиме целиот капацитет?
Реџепи: Не го користиме. Овој сензор ќе покаже каде има изливи на вода. Ова се светски експерти кои ги предвидувале овие работи. Ние што треба? Не треба да измислиме топла вода. Да има и мониторинг на сообраќајот. Кому би сметало да има таков монитор пред Мавровка да речеме кој ќе кажува оваа улица е пренатрупана – пренасочи се во другата.
Какви што се проблемите на главниот град, таков е и разговорот со Скендер Реџепи. Долг. Па, во преостанатиот простор ни останува само да наброиме дел од неговите други идеи. Сака културата во градот да биде мешана и еднаква колку што треба да бидат еднакви општините. Во чаршијата би го вратил занаетчиството. Во градскиот парк Луна паркот. Тој е против ноќни клубови, а „За“ културни центри за младите.
Верува дека за градоначалник на Скопје ќе се гласа повторно на 2 ноември, а дека тој ќе биде во вториот круг. Таму очекува да биде и Орце Ѓорѓиевски, но не поради понудата, туку затоа што го има грбот на ВМРО-ДПМНЕ. И да биде и да не биде градоначалник верува дека треба да постои механизам за негово отповикување. Колку гласале ЗА, толку да можат и да го сменат.
360°: Кој ви идентитетот на кампањата?
Реџепи: Идентитетот е еднакво и модерно Скопје.
