Според министерката за образование Весна Јаневска, превенцијата од рана возраст е клучна за одбегнување злоупотреба на алкохолот, цигарите и дрогата, а образовниот процес е најдобар начин за тоа. Новина е што оваа година во седмо одделение е воведен изборен предмет Учам за моето здравје
Северна Македонија сè уште се рангира како земјите со една од повисоките стапки на пушење цигари. Младите почнуваат да пушат на 13 години, а 40 отсто од популацијата до 18 години се пушачи. Ова го покажуваат анализите на „Аналитика тинк-тенк“, независна институција за истражување на јавните политики, што денеска се соопштија во рамките на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу младите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“.

Тамара Мијовиќ-Спасова од „Аналитика тинк-тенк“ посочи дека се загрижувачки анализите оти на младите под 18 години во земјата не им се забранува продажба на цигари, што значи дека треба да се почитува законската регулатива.
„Најважно е едукацијата и превенцијата за пушење на цигари да почнува од многу рана возраст. Македонија има традиција на пушење цигари. Но, ајде да ја смени младината. Од најмала возраст да ги едуцираме младите дека пушењето е штетно, со цел да развиваат позитивни навики“,
рече таа.
Како најфрапантен податок од анализите го посочи тоа дека младите почнуваат да пушат цигари веќе на 13-годишна возраст, што покажува дека тие и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи.
„Четириесет отсто од младите до 18 години пушат цигари. Затоа податоците од анализите се алармантни и треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронски цигари, се некоја безбедна варијанта што нема да им пречи. Новите студии покажуваат дека и тие не се безбедна варијанта на цигарите“,
кажа Мијовиќ-Спасова.

Според министерката за образование Весна Јаневска, превенцијата од рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотреба на алкохолот, цигарите и дрогата, а образовниот процес е најдобар начин за тоа, односно дека во основното и средното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост.
„Новина е што оваа година во седмо одделение е воведен изборен предмет Учам за моето здравје“,
рече таа.
Посочи и дека во новите законски решенија за основно и средно образование, училиштата се задолжени да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на тутунот, алкохолот и дрогата.
Дополнително, почната е и програма со Канцеларијата за борба против дрога и криминал на Обединетите нации за превенција од вакви негативни појави, која во периодот на ковид е запрена. Но, додаде дека таа сега ќе продолжи, со цел да се обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 училишта во земјата како да се превенираат несаканите појави во училиштата.