„Потребно ни е повеќе вакцинација, повеќе чипирање, повеќе стерилизација, мораме на хуман начин да го решиме проблемот со уличните кучиња. Секако, мора да разговараме и за една тема којашто е сериозна за граѓаните на Скопје – крематориум за домашните миленичиња. Покрај тоа што мораме да го решиме проблемот со уличните скитници, мора да размислуваме и на домашните миленичиња и на еден хуман третман и во однос на едните и во однос на другите“, реше Шукова
Аеродром од една од најзелените општини во градот Скопје, стана една од најзапустените. Сепак, состојбата не е таква само во Аеродром, состојбата е таква и во голем дел од општините во Скопје, изјави денеска кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова, која најави што позелено и поурбано Скопје.

„Не само со градење на нови паркови коишто потоа не се одржуваат. За 15 месеци – 15 нови паркови. Меѓутоа, не само во централниот дел на Скопје, не само во општините на Скопје, туку и во околината на Скопје. Предвидуваме во програмата зелен појас за Скопје, тоа значи подобар квалитет на воздухот за Скопје и повеќе грижа за здравјето на граѓаните на Скопје“,
рече Шукова.
Таа додаде дека се предвидува и рехабилитација на зелените површини, бидејќи овие што ги има сега се девастирани до крајност.
„Мислам дека мора да се преземе сериозна акција за ревитализација на површините. Гледаме, деновиве имаме голем проблем со ‘Паркови и зеленило’, ќе мора да се работи на сериозна рехабилитација на јавното претпријатие коешто треба да дава услуги на граѓаните на Скопје за да ни биде градот поубав и позелен“,
порача Шукова.
Таа се осврна и на проблемот со уличните кучиња, за кој рече дека има сериозен план.
„Покрај активностите на ‘Лајка’, сметаме дека треба да се направи ново државно прифатилиште, поголемо, коешто може да го реши сериозно проблемот со уличните кучиња. Ќе разговараме со ветеринарните станици, разговаравме со здруженијата на граѓани коишто помагаат во овој процес. Потребно ни е повеќе вакцинација, повеќе чипирање, повеќе стерилизација, мораме на хуман начин да го решиме проблемот со уличните кучиња. Секако, мора да разговараме и за една тема којашто е сериозна за граѓаните на Скопје – крематориум за домашните миленичиња. Покрај тоа што мораме да го решиме проблемот со уличните скитници, мора да размислуваме и на домашните миленичиња и на еден хуман третман и во однос на едните и во однос на другите“,
подвлече таа.
На новинарско прашање, кое е најитното решение што треба да се направи за загадувањето во Скопје, Шукова одговори дека треба да се почне со сериозна работа со домаќинствата.
„Согласно сите анализи, 50 отсто од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата и мора да им се помогне. Предвидовме неколку мерки во програмата, за тоа ќе говорам наредните денови, но еве ќе спомнам нешто и денеска. Предвидовме бесплатни филтри за оџаците за домаќинствата. Ова е пракса којашто е спроведена во многу европски градови и покажа резултати. Секоја година од 5 до 10 илјади домаќинства, односно за нивните оџаци каде што излегуваат голем дел од ПМ честичките, да им се постават филтри кои ќе ги задржуваат ПМ честичките. Мислам дека ова е добра и сериозна мерка која ќе го намали загадувањето на Скопје, а паралелно со ова ќе мора да се работи и со самомониторинг на индустријата за да им покажеме на граѓаните какво загадување доаѓа од индустријата“,
рече Шукова.