Пред прес-конференцијата на Трамп и Нетанјаху, САД објавија детали од својот предложен мировен план за Газа
Од Белата куќа информираа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го искористил денешниот состанок со претседателот на САД, Доналд Трамп, за да упати официјално извинување до Катар поради неодамнешниот воздушен напад врз претставници на палестинскиот Хамас во Доха, кој предизвика гнев кај арапските лидери

Го поддржувам вашиот план за завршување на војната во Газа, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Израелскиот премиер, осврнувајќи се на мировниот план на Трамп од 20 точки, вели дека тој ќе обезбеди Израел повторно да не биде под закана од Хамас.
Нетанјаху вели дека денешната средба е клучен чекор не само за завршување на војната во Газа, туку и за поставување на масата за мир низ целиот Блиски Исток.
Нетанјаху вели дека сите заложници – живи и мртви – треба да бидат вратени во рок од 72 часа. Според него, на сите треба да им се даде можност да го сторат ова мирно, но ако Хамас го отфрли планот или го прифати, а потоа не го спроведе, „ние ќе ја завршиме работата“, вели Нетанјаху.
„Може да се направи на лесен или на тежок начин, но ќе се направи“,
рече тој.
Тој им се заблагодарува на војниците на Израел кои, како што вели, се борат „како лавови“ против „варварството“.
Американскиот претседател Трамп на прес-конференцијата заблагодарувајќи му се на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за прифаќањето на неговиот план за Газа, рече дека на средбата разговарале за завршување на војната во Газа, Иран, трговијата, Абрахамовите договори и поширокиот контекст на „мирот на Блискиот Исток“.
„Многу, многу сме блиску. И мислам дека сè уште сме многу блиску. Ова е веројатно еден од најголемите денови во историјата на човечката цивилизација“,
рече Трамп за постигнувањето договор за прекин на огнот за Газа.
Трамп рече и дека ако Хамас го прифати предлогот, сите преостанати заложници ќе бидат ослободени во рок од 72 часа. Според планот, арапските и муслиманските земји се обврзуваат да ја демилитаризираат Газа и да го разоружаат Хамас и сите други терористички организации. Тој додаде дека „слушнал дека Хамас сака и тоа да се случи“.
„Сите учесници ќе се согласат за временска рамка за постепено повлекување на израелските сили од Газа“,
продолжи Трамп.
Израел, рече Трамп, би имал „право“ и целосна поддршка од САД да „ја заврши работата за уништување на заканата од Хамас“ ако групата одбие да го прифати договорот. Трамп додаде дека смета оти ќе добие „позитивен одговор“ од Хамас.
Трамп тврди дека неговиот план предвидува „Комитет за мир“, меѓународно тело со кое ќе претседава заедно со лидерите на другите земји во одборот. Поранешниот британски премиер Тони Блер, исто така, ќе биде член на одборот, вели Трамп.
Хамас и другите терористички фракции нема да имаат никаква улога во одборот или во идното управување со Газа, ниту директно, ниту индиректно, ниту воопшто, додава американскиот претседател.
Трамп рече дека Нетанјаху бил „многу јасен во своето противење на палестинска држава“ и дополнително ги критикуваше земјите што „глупаво“ признале палестинска држава.
Израелците сакаат враќање на мирот, тврди американскиот претседател, додавајќи дека „има многу Палестинци кои исто така сакаат да живеат во мир“.
„Има многу Палестинци кои сакаат да живеат во мир, но тие треба да ја преземат одговорноста за сопствената судбина. Палестинците имале „тежок живот“ со Хамас. Но, ако не го прифатат мојот план, тогаш тие самите треба да бидат виновни“,
вели Трамп.
Нетанјаху со извинување до Катар за воздушниот напад
Од Белата куќа информираа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го искористил денешниот состанок со претседателот на САД, Доналд Трамп, за да упати официјално извинување до Катар поради неодамнешниот воздушен напад врз претставници на палестинскиот Хамас во Доха, кој предизвика гнев кај арапските лидери и ретка критика на Вашингтон кон Израел.
По средбата со Трамп, на која разговараа за завршување на израелската војна во Појасот Газа и за развојот на американскиот план за управување со таа разурната палестинска територија по војната, Нетанјаху телефонски го повика катарскиот премиер Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, соопшти Белата куќа.
„Како прв чекор, премиерот Нетанјаху изрази длабоко жалење што во израелскиот ракетен напад врз позиции на Хамас во Катар ненамерно беше убиен катарски војник. Тој исто така изрази жалење што Израел, таргетирајќи го раководството на Хамас во време на преговори за заложниците, го наруши катарскиот суверенитет и потврди дека Израел нема да повтори ваков напад во иднина“,
се наведува во соопштението на Белата куќа.
САД објавија детали од предложениот мировен план
Пред прес-конференцијата на Трамп и Нетанјаху, САД објавија детали од својот предложен мировен план за Газа.
Предлогот, доколку се следи, би започнал со моментално прекинување на воените операции.
Исто така, се вели дека постојните „борбени линии“ би биле замрзнати.
Според планот, како што пишува Би-би-си, Хамас би го положил оружјето и неговото офанзивно оружје би било уништено. Би ослободил 20 живи израелски заложници и остатоците од повеќе од дваесетина за кои се верува дека се мртви во рок од 72 часа.
Откако ќе бидат ослободени тие заложници, во предлогот се вели дека Израел би ослободил стотици притворени жители на Газа.
Исто така, се вели дека откако двете страни ќе се согласат со предлогот, „целосна помош веднаш ќе биде испратена во Појасот Газа“.
САД, исто така, го изложуваат својот план за идното управување со Газа. Се вели дека „технократски, аполитичен палестински комитет“ ќе управува привремено „со надзор од ново меѓународно транзициско тело“, Одборот за мир, кој ќе го води Трамп.
Поранешниот британски премиер Тони Блер, како и други лидери „кои ќе бидат објавени“, исто така би биле дел од управното тело.
Се додава дека Хамас не смее да има никаква улога во управувањето, „директно, индиректно или во која било форма“.
Голем дел од планот е фокусиран на она што САД го нарекуваат „план за економски развој“ за обнова на Газа. Исто така, се вели дека „Израел нема да ја окупира или анектира Газа“ и неговите сили ќе се повлечат од територијата во фази со текот на времето.
Планот, исто така, ја остава вратата отворена за евентуална палестинска држава.