Новите технолошки решенија, како што рече денеска претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, ќе овозможат модерни и безбедни услови за работа

Уставниот суд на Република Северна Македонија официјално го започна процесот на целосна дигитализација, со што влегува во нова фаза на технолошко унапредување насочено кон поголема ефикасност, транспарентност и отвореност кон јавноста. Овој напреден дигитален систем, како што велат од Уставен, ќе овозможи поголема пристапност до работата на судот и ќе го подобри процесот на донесување одлуки.
Проектот за дигитализација во Уставниот суд беше промовиран денеска, во рамки на билатералната средба со делегацијата на Уставниот суд на Република Турција, предводена од претседателот Кадир Озкаја.
Костадиновски нагласи дека оваа опрема е особено значајна бидејќи го модернизира начинот на работењето, го забрзува работниот процес и овозможува подобар пристап на отвореност кон јавноста.
„Опремата која денеска беше донирана е всушност донација која ќе ја зголеми ефикасноста, транспарентноста и отворената кон јавноста, односно новиот систем кој е набавен ќе ни овозможи одржување на хибридни состаноци со интегрирана аудио и видео опрема, онлајн и физички може да присуствуваат сите судии и во расправа и во одлучување на Судот, симултан превод, безбеден cloud, снимање на сите седници и комуникации, автоматска изработка на транскрипти и низа други алатки кои ќе ја зголемат ефикасноста на Судот“,
рече Костадиновски.

Една од темите на денешната средба, како што рече Костадиновски, биле консултациите и изградувањето заеднички став во врска со регионални прашања, како што е претстојниот Форум на уставните судови од Балканот кој ќе се одржи во ноември годинава во Анталија.
Во оваа пригода биле споделени и праксата и искуствата на двата уставни суда на темите уставно-судска контрола преку механизмот на уставна жалба.
Претседателот на турскиот Уставен суд, Озкаја, меѓу другото, посочи дека двата уставни суда имаат континуирана соработка, што ќе придонесе за зајакнување на владеење на правото и зачувување и негување на основните човекови права на балканскиот регион.