Согласно евиденцијата на надлежните органи, право на глас имаат вкупно 112 000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2 162 избирачи кои се во притвор или издржуваат затворска казна и 450 избирачи од домовите за стари лица
На претстојните локални избори право на глас имаат вкупно 1 832 415 избирачи, колку што се запишани во Избирачкиот список, информира денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко.

Согласно евиденцијата на надлежните органи, како што рече Кондарко, право на глас имаат вкупно 112 000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2 162 избирачи кои се во притвор или издржуваат затворска казна и 450 избирачи од домовите за стари лица.
На денешната 138. седница, ДИК едногласно донесе одлука за заклучување на Избирачкиот список за спроведување на локалните избори чиј прв круг се одржува на 19 октомври.
„Државната изборна комисија го заклучува Избирачкиот список за спроведување на изборите за советите на општините и Советот на Град Скопје, како и за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Граѓаните се потпишуваат во еден Избирачки список и гласаат на локалните избори. Значи, еден е избирачкиот список на гласачките места за локалните избори“,
изјави Кондарко.
Во државата се регистрирани 3 480 избирачки места, од кои во 132 избирачки места се потпишани помалку од десет избирачи. Гласањето за нив, како што соопштија од ДИК, ќе се спроведе на најблиското избирачко место.
На седница пред неколку дена, ДИК со ждрепка го утврди редоследот на гласачкото ливче за локалните избори.
На првите девет места од гласачкото ливче се наоѓаат парламентарните партии и коалиции, редните броеви од 10 до 33 ќе ги заземат вонпарламентарните политички партии и коалиции, а независните кандидатски листи на гласачкото ливче ќе бидат на редните броеви од 34 до 153.