Директорот на ДЗС информира дека пожарот на депонијата во скопско Арачиново, каде што гореше поголема количина пакуван сончоглед, е изгаснат по неколкучасовна интервенција на скопските пожарникари со помош на специјална пена
Изгаснат е огнот во депонијата во скопско Арачиново, каде што гореше поголема количина пакуван сончоглед, информира утринава директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Огнот, како што вели Ангелов, е изгаснат по неколкучасовна интервенција на скопските пожарникари со помош на специјална пена. Додава дека пожарот е целосно изгаснат иако на неколку места сè уште се забележува чадење.
Директорот на ДЗС вчеравечер информира дека на депонијата во Арачиново е фрлена поголема количина пакуван сончоглед што гори со силен пламен, додавајќи дека пожарот е подметнат.
„Оваа депонија има ограда и влезна врата, но скопските пожарникари ја затекнале отворена. Во неа има фрлено поголема количина пакуван сончоглед кој гори со силен пламен, но и други горливи производи“,
изјави Ангелов.