Претседателката голем дел од обраќањето го посвети на процесот на македонското пристапување кон Европската Унија, за кој рече дека веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на копенхашките критериуми, туку поради субјективни националистички причини
„Зарем треба да се најдеме на дневниот ред на Советот за безбедност за ЕУ да го деблокира нашето проширување? Ако Европската Унија сака да биде геополитичка унија, таа не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум“, кажа таа
Обединетите нации денес се соочуваат со геополитички и геоекономски земјотрес што ги тресе самите темели на поредокот изграден по Втората светска војна. Денешните кризи се последица на длабоки тектонски поместувања што ги подриваат принципите што го обликуваа светот изминатите 80 години. Ова денеска го рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на почетокот на нејзиното обраќање на 80. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки геополитички раседи. Еден од најактивните е во Украина, каде што веќе три и пол години беснее војна. Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста“,
рече таа.
Повика на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија за намалување на тензиите и зачувување на мирот.
Според неа, геополитичката раседна линија минува и низ регионот на Западен Балкан.
Потоа, голем дел од обраќањето претседателката го посвети на процесот на македонското пристапување кон Европската Унија, за кој рече дека веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на копенхашките критериуми, туку поради субјективни националистички причини.
„Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова, наметната промена на Уставот. Уставот како lex superior и општествен договор меѓу граѓаните, во Русоова смисла на зборот е највнатрешното прашање на секоја држава. Нашиот устав предвидува четири предлагачи на измени, претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници и 150 илјади граѓани. Јасно е дека овластен предлагач на амандмани не може да биде наш сосед ниту Европската Унија“,
кажа претседателката.
Притоа укажа дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за што додаде дека сме биле убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција.
„Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Се согласувам, но напоменувам дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за уставни измени. Со конститутивните акти, ЕУ себеси се дефинира како единство на различности и се обврзува да ги почитува културната и јазична разновидност, националниот и културниот идентитет, дигнитетот и интегритетот. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик“,
вели Сиљановска-Давкова во обраќањето пред Генералното собрание во ОН.
Според неа, европскиот идеал останува најголема инспирација и стратегиска аспирација за државата, која е посветена на добрососедството и на регионалната соработка и не сака спорови со соседите.
„Она што го посакуваме е да се интегрираме во Унијата, но без дополнителни и посебни услови и со зачувано национално достоинство“,
рече претседателката.
Предупреди и дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западниот Балкан не е само политичко, туку и безбедносно прашање.
Според претседателката, со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворена врата за влијание на трети геополитички центри на моќ, иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив.
„Зарем треба да се најдеме на дневниот ред на Советот за безбедност, за ЕУ да го деблокира нашето проширување? Ако Европската Унија сака да биде геополитичка унија, таа не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум. Како што укажа претседателката на Европската комисија, Европската Унија мора час поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да ја заврши реунификацијата на Европа и повторно да стане силен геополитички фактор“,
кажа таа.
Во обраќањето Сиљановска-Давкова се осврна и за, како што рече, еден од геополитички најтрусните региони како Блискиот Исток и Газа.
Во однос на изборот на нов генерален секретар на Обединетите нации што треба да се случи следната година, рече дека идниот прв дипломат на светот мора да има многу знаење, трпение и такт.
Посочи и дека по 80 години од основањето, крајно време е за жена генерален секретар на Обединетите нации.
„Во свет доминантен од силни мажи, често со оружје, потребни ни се силни жени со мудрост и емпатија“,
рече таа.
Претседателката на крајот од обраќањето рече дека сме пред голем испит – или ќе го гарантираме меѓународниот поредок врз визионерски принципи или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото.