На социјалните мрежи се прошири фотографија со содржина од наводна порака испратена од Росица, а во која таа накусо му образложува низ што поминува, но истовремено бара и помош за ситуацијата во која се наоѓа. На неа не може да се види датумот на испраќање, ниту, пак, дали телефонскиот број е на министерот, бидејќи недостасуваат последните три цифри.
Според Тошковски, содржината на оваа порака не е веродостојна
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска категорично ги демантира наводите што се проширија на социјалните мрежи дека убиената Росица Коцева неколку месеци пред трагичниот настан му испратила СМС-порака во која барала помош за нејзиниот случај.

Изјавата на Тошковски е дадена по новинарско прашање за весникот „Слободен печат“ откако на социјалните мрежи се прошири фотографија со содржина од наводна порака испратена од Росица, а во која таа накусо му образложува низ што поминува, но истовремено бара и помош за ситуацијата во која се наоѓа.
„Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста, а воедно упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели“,
се вели во одговорот што го испрати ПР-службата на Министерството за внатрешни работи.
На фотографијата што кружи на социјалните мрежи, со наводна порака од Росица, не може да се види датумот на испраќањето, ниту, пак, дали телефонскиот број е на министерот бидејќи недостасуваат последните три цифри.
На фотографијата со наводна порака од Росица пишува:
„Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак, оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември, па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред пет дена ми ја запали колата е сè уште на слобода. Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“,
пишува во пораката, каде во продолжение е додаден и бројот на предметот во скопското обвинителство и Судот во Велес.
Според Тошковски, содржината на оваа порака не е веродостојна.
И од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска упатија прашање до министерот Тошковски дали се точни наводите во јавноста дека убиената Росица пред пет месеци му испратила порака со барање за помош.
„Дали оваа порака почитуван министре, стигнала до вас пред пет месеци? Ако стигнала, што сте направиле? Каде во оваа држава човек треба и може да се обрати доколку му се закануваат по живот, доколку го тепаат или му палат автомобил“,
прашуваат од опозицијата.
Велешанката Росица Коцева беше убиена на 15 септември заедно со татко ѝ во семејната куќа од страна на нејзиниот поранешен партнер, кој подоцна се самоуби.
Таа претходно повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.
По убиството на Росица, неколку невладини организации одржаа протест пред Министерството за внатрешни работи и кај паркот „Жена борец“ во Скопје, поради колективниот крах на системот, кој, како што велат, дозволува да се случува континуирано насилство врз жени, што, пак, доведува до фемициди.