„Судството со ова покажува дека е само маша на Венко Филипче и СДС. Ова судство само ја поткопува јавната доверба во правосудниот систем и претставува сериозно кршење на принципите на правдата, еднаквоста и владеењето на правото“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно упати критики до судот и до обвинителството, наведувајќи дека од ден на ден покажуваат оти работат исклучиво под диктат на СДСМ и ДУИ и дека не се „расположени“ да носат пресуди во корист на граѓаните.

Повод за реакцијата на партијата е вчерашната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, кој ја прогласи за виновна и ѝ одреди условна казна на докторката Мери Пешевска за тешки дела против здравјето на луѓето во предметот „Онкологија“, кој се однесува на несовесно лекување пациенти и во кој првообвинет е поранешниот директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Нино Васев.
Од ВМРО-ДПМНЕ пресудата на Кривичен ја оценуваат како скандалозна бидејќи за делото за кое е обвинета Пешевска е предвидена затворска казна до три години.
„Пешевска, на рочиште пред Судот минатата недела рече дека за седумтемина пациенти за кои е обвинета не е сигурна дека таа ја продолжувала терапијата?! Внимавајте, докторката не е сигурна дека ја продолжила терапијата, бидејќи, како што самата посочи, нејзиниот печат во тој период стоел на шалтер и тоа го направила со цел побрзо да ја земат терапијата и да не чекаат пациентите. Пешевска сакала демек пациентите да не чекаат, си го оставила печатот, а за последиците очигледно не размислувала ниту таа, а се покажува и дека Судот не е баш заинтересиран за судбината на пациентите“,
велат од владејачката партија.
Оттаму додаваат дека тоа што таа признала вина, а Судот ѝ изрекол условна казна од две години, практично значи дека таа била ослободена.
Одлуката на Судот, според ВМРО-ДПМНЕ, говори дека пресудата е неправедна, произволна или заснована на надворешни влијанија или, пак, Судот, додаваат од партијата, не постапува врз основна на закон и факти.
„Судството со ова покажува дека е само маша на Венко Филипче и СДС. Ова судство само ја поткопува јавната доверба во правосудниот систем и претставува сериозно кршење на принципите на правдата, еднаквоста и владеењето на правото. Судството, воедно и обвинителството мора да се издигнат и да покажат дека постојат да им служат на граѓаните спроведувајќи закони, а не да служат на другарите на Зоран Заев, сега олицетворени во Филипче и уште неколкумина од раководството“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Докторката од Клиниката за онкологија, како второобвинета во предметот „Онкологија“, кој се однесува на несовесно лекување пациенти, вчера беше осудена на две години условна казна затвор, која нема да се изврши доколку во наредните пет години таа не стори друго кривично дело.
Образложувајќи ја пресудата, судијката Снежана Марковска, меѓу другото, рече и дека изрекувањето условна осуда не претставува избегнување на казната и дека во конкретниот случај може да се оствари целта на казнувањето.
Марковска додаде дека при одмерувањето на казната судот ги ценел како отежнувачките, така и олеснителните околности и во тој контекст наведе дека со признанието вина обвинетата покажала дека ја прифаќа целата одговорност да се соочи со последиците од стореното.

За случајот „Онкологија“, кој предизвика буни реакции во јавноста, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага, а во мај годинава поднесе обвинение. Предметот го подели во два дела. Едниот се однесува на несовесно лекување, односно несоодветна терапија што на пациенти им била давана од првообвинетиот Нино Васев и тројца лекари онколози.
Другиот дел од предметот, за кој судската постапка се води одвоено, се однесува на финансиски злоупотреби. И во него е обвинет Нино Васев, како поранешен медицински директор, а со него на обвинителна клупа е и поранешниот економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нехад Нухи. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година.