Целта за во иднина, како што порача министерот во видеопораката, се продлабочен стратешки дијалог и билатерална соработка, посилна соработка во НАТО, нови трговски и енергетски проекти, модернизација во одбраната и дигитализација
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, денеска се обратија во заедничка видеопорака по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу С Македонија и САД.

„Овој месец славиме 30 години од едно многу посебно пријателство со вас, граѓаните на Северна Македонија“,
порача Агелер.
„Три децении пријателство и доверба. Од 1995 година кога ги формализиравме билатералните односи заедно покажавме дека со доверба, решителност и соработка можат да се постигнат слобода, безбедност и просперитет“,
додаде Муцунски.
Министерот и амбасадорката потоа наизменично ги набројуваа придобивките од стратешкото партнерство:
„Енергетски и инфраструктурни проекти, членство во Обединетите нации, економска и инвестициска соработка, поддршка за кризата во Косово, културно- образовна размена, партнерство со гардата на Вермонт, силни пријателски и дипломатски врски, заеднички мировни мисии, стратешка соработка во одбраната – од обуки во Криволак до мисии во Ирак и Авганистан, нови мрежи на претприемачи, студентски размени, инвестиции што создаваат нови работни места, автопати изградени од ‘Бехтел и Енка’, нов гасен интерконектор…“
Целта за во иднина, како што порача Муцунски во видеопораката, се продлабочен стратешки дијалог и билатерална соработка, посилна соработка во НАТО, нови трговски и енергетски проекти, модернизацја во одбраната и дигитализација со младите како двигател на развојот.
„Ајде“,
додаде Агелер.