Ангелов најави дека во текот на денот ќе излезе со дополнителни информации околу активностите што ќе се преземаат

Дождот во Скопје не помогна многу во гаснењето на пожарот што трет ден гори во депонијата „Дрисла“.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека и изминатите денови на депонијата било фрлано вода, но гаснењето одело тешко.
„Секој ден се фрлаат тони и тони вода, но чадењето продолжуваше. Се преземаат низа мерки за решавање“,
вели Ангелов.
Тој најави дека во текот на денот ќе излезе со дополнителни информации околу активностите што ќе се преземаат.
Вчера Ангелов рече дека по обидите да се изгасне пожарот со вода, кои не дале резултат, делот од депонијата што гори и чади се затрупува. Очекувањата на Ангелов беа дека вчера ќе се завршеше со затрупувањето.
Жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Кисела Вода, Драчево синоќа реагираа дека воздухот мириса на чад и на изгорена пластика.
Споделувајќи фотографии од апликациите за мерење на загаденоста на воздухот, велат дека параметрите на штетни честички во воздухот во овие населби се високи.
Ангелов потврди дека мирисот доаѓа од „Дрисла“ и оти ширењето во овие делови од градот е поради ветрот што го сменил правецот и дува од депонијата во насока кон Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, коментирајќи го квалитетот на воздухот во главниот град откако избувна пожарот на депонијата „Дрисла“, рече дека иако визуелно изгледа дека воздухот во Скопје е загаден, сепак, испитуваните параметри на штетни честички не се така алармантни.