Во однос на „Вардариште“, Ангелов рече дека како дел од мерките за спречување идни пожари, Управувачкиот комитет за справување со кризи ѝ предложил на Владата да донесе одлука за забрана за движење на депонијата
За пожарот на „Дрисла“ денеска и премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар

Пожарот на депонијата „Дрисла“, што избувна вчера во 15:15 часот, сè уште е активен, но наместо со вода, се гаси со затрупување на најкритичните делови. Оваа мерка е донесена откако претходните обиди за гаснење со вода не дале резултати.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска изјави дека надлежноста врз депонијата ја презема Главниот штаб за управување со кризи, поради прогласената кризна состојба во државата.
„Денеска дадовме задача да се почне со затрупување на делот од ‘Дрисла’ каде е најголемото чадење и каде што гори. Очекувам до попладне овој дел да биде целосно затрупан и чадењето, кое од вчера предизвикува непријатности за граѓаните, да застане“,
рече Ангелов во пладневната изјава снимена на „Дрисла“.

Од друга страна, како што рече, тој, постојат индиции дека пожарот е намерно подметнат. Ангелов истакна дека во текот на летото, кога температурите биле многу високи, не дошло до запалување на депонијата, додека сега кога температурите се пониски се случило „самозапалување“.
Освен на гаснење на „Дрисла“, Ангелов рече дека се преземаат мерки и за догаснување на пожарот на депонијата „Вардариште“ од каде веќе десетина дена се шири непријатна миризба.
Тој рече дека како дел од мерките за спречување идни пожари, Управувачкиот комитет за справување со кризи ѝ предложил на Владата да донесе одлука за забрана за движење на депонијата „Вардариште“.
„Оваа депонија ќе биде обележана и движењето во неа ќе биде казниво. Целта е да се спречи намерно, но и ненамерно потпалување“,
рече Ангелов.
Тој потсети дека Министерството за внатрешни работи веќе има поднесено кривични пријави против три лица кои создале дива депонија и вршеле дејност на откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови, без да имаат регистрирано правно лице и без соодветна дозвола за управување со отпад.
Очекувањата на Ангелов се дека и двете депонии, „Дрисла“ и „Вардариште“, денеска ќе бидат целосно затрупани, што е привремено решение.
За трајно решение, тој смета дека е неопходно по изборите, новиот градоначалник на Скопје во соработка со Владата и другите надлежни институции да започнат со реализација на веќе постоечкиот проект.
За пожарот на „Дрисла“ денеска и премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.

Тој за проблемот со пожарот на депонијата „Дрисла“ нагласи дека е последица на долгогодишно неинвестирање. Според него, доколку во минатото се изградела фабрика за производство на електрична енергија, депонијата би била уредена и организирана, со што би се спречиле честите пожари.
„Ако се инвестирало во Скопје во ’Дрисла’ на начин на којшто ќе се уреди со фабрика за производство на електрична енергија, прво, капацитетот ќе се проширел; второ, сето тоа ќе било организирано и денеска немало секој втор ден да влегува некој и да ја потпалува“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски го спомена и проблемот со депонијата „Вардариште“, нагласувајќи дека милионите тони отпад не се создадени за време на мандатот на неговата влада.
„Оние милиони тони отпад не се од оваа влада. Оваа влада реши да влезе во костец со решавање на проблемот. ‘Вардариште’ не го создадовме ние за овие 15 месеци, тоа е создавано 35 години, а може и повеќе“,
рече Мицкоски.
На крајот, тој вети дека по добивањето на ингеренциите, владата ќе го реши проблемот со „Дрисла“ и ќе ја трансформира во „модерна европска депонија со фабрика што ќе произведува енергија“.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) рекоа дека на „Дрисла“ интервенираат седум пожарникари со две противпожарни возила од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Според моменталната состојба, пожарот не се шири и не претставува закана за околната шума или населби.