„Ви посакувам среќа во новиот предизвик. Убеден сум дека сериозни, способни луѓе и силни бранители на својот народ секогаш ќе имаат поддршка, порано или подоцна, во секоја политичка трка“, порача поранешниот министер за надворешни работи на Италија
Ексминистерот за надворешни работи на Италија, Луиџи ди Мајо, преку видеопорака изрази поддршка за кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ и поранешен шеф на македонската дипломатија – Бујар Османи.

Во пораката, која на својот фејсбук-профил ја објави Демократската унија за интеграција, италијанскиот ексминистер порача дека Османи е голем пријател на Европа и Европската Унија.
„Тој е почитуван пријател во Европа. Многу добро се сеќавам на неговите напори за зајакнување на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, како и на неговите амбиции за доближување на земјата до членството“,
рече Луиџи ди Мајо во видеопораката.
Тој напомена дека Османи е голем пријател на Италија:
„Работевме заедно за да ги зближиме нашите земји и народи. Се сеќавам на неговите зборови полни со гордост за дијаспората и важноста на граѓаните на двете земји во зајакнувањето на врските меѓу нашите нации и влади“.
Најважно, како што рече Ди Мајо, е тоа што во него гледа многу добар пријател и сигурен политичар. Поранешниот италијански министер додаде дека Османи секогаш може да смета на него и дека ја има неговата поддршка во новиот предизвик како кандидат за градоначалник на Чаир.
„Ви посакувам среќа во новиот предизвик. Убеден сум дека сериозни, способни луѓе и силни бранители на својот народ секогаш ќе имаат поддршка, порано или подоцна, во секоја политичка трка. Со среќа кандидатурата, со среќа на вашите граѓани и вашата држава“,
додаде Ди Мајо во пораката.
Неодамна, поддршка за градоначалничката кандидатура на Османи изрази и поранешниот министер за надворешни работи на Украина, Дмитрo Кулеба.