„Но, ние сме за унитарна држава, рамноправна за сите. А не еден да биде аргат, а другиот ага. Ние не сакаме да живееме во сопствената земја како кираџии. Нека го заборават ова“, вели лидерот на ДУИ од Чаир
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, вчера во говор од партискиот собир во Општина Чаир зборуваше за наводите за кои рече дека се измислуваат од одредени политичари и нивните политики дека Албанците сакаат да ја поделат државата. Во таа насока, посочи и дека ако Албанците сакале да ја поделат Македонија тоа ќе го стореле уште во 2001 година, и тоа со 15 000 вооружени војници.

Посочи дека македонските политичари треба да бидат свесни дека секојдневно ги трујат сопствениот електорат и народот оти ДУИ е за дестабилизација, за поделба на државата, дека сакаат да направат „голема Албанија“. Додаде дека тие клевети се изготвуваат и шират секој ден, а се слушаат и на телевизиските канали.
„Да сакавме да ја поделиме Македонија, тоа ќе го сторевме во 2001 година со 15 000 војници, вооружени со противтенковско и противвоздушно оружје, со армија што кога сакаше можеше да влезе и да го заземе Тетово и кога сакаше да го напушти Тетово. Но, ние сме за унитарна држава, рамноправна за сите. А не еден да биде аргат, а другиот ага. Ние не сакаме да живееме во сопствената земја како кираџии. Нека го заборават тоа“,
рече Ахмети.
Посочи дека е потребна правна држава, а дека повеќепати досега барале да се направи „ветинг“ за секој функционер.
„Ајде да отвориме истрага за целата приватизација што се случи од 1991 година до денес, да отвориме истрага за сите удбаши од 1945 до 2001 година“,
рече лидерот на ДУИ.
Во продолжение на говорот, тој вели и дека иднината на земјата е со рамноправни граѓани, со стабилност, со зближување на заедниците.
„Живееме под заедничко небо. Ни треба напредок, ни треба појака економија и ни треба земјата да се интегрира во Европа“,
кажа тој.
Посочи дека досега актуелната власт не направила ниту еден чекор напред за подобра иднина на земјата, туку се занимава со Охридскиот договор, порачувајќи ѝ да ги држи рацете подалеку од него.
„Цела година стоиме во место. Се занимаваат со Охридскиот договор. Држете ги рацете подалеку од него затоа што ако бевме дестабилизатори, не можевме ли да извадиме 10 илјади луѓе на улица за 24 часа? Да, можевме да го направиме тоа, но ние водиме политика со ладна глава, а не со вжештена. Ако тоа се случеше пред една година кога беше нарушен легитимитетот и 10 илјади луѓе да излегоа на улица, немаше да можеме да ги контролираме и тие ќе направеа хаос“,
вели Ахмети.
На настанот во скопски Чаир, заедно со кандидатите за градоначалници на Чаир и Град Скопје, Бујар Османи и Скендер Реџепи-Зејд, Ахмети потпиша т.н. „акт за Чаир“, за кој рече дека претставува запечатување на најголемото национално единство од 2001 година.
„Заедно да се стави крај на дискриминацијата, понижувањето, лошото управување. Сенародното движење на отпор и надеж секој ден станува се посилно и поинклузивно. Сите на нозе, подготвени за октромврискиот референдум“,
порача Ахмети во говорот од Чаир.