Јавен обвинител предложил мерка притвор за сите осомничени. Досега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот им одредил притвор во траење од 30 дена. За останатите шест лица, од кои пет се странски и еден македонски државјанин, притворот ќе биде определен во отсуство

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка против 13 лица, од кои четворица се државјани на Косово, а една е државјанка на Хрватска. Ова следува откако денеска Управата за финансиска полиција информираше за спроведена акција во Липково, Куманово и Желино, а во која рекоа дека се уапсени седум лица, а за кои велат дека со незаконски дејства предизвикале штета на државниот буџет во висина од над 430 милиони денари.
Осомничените, како што велат од ОЈО ГОКК, се товарат дека од 2014 до 2023 година организирале криминална група со цел даночно затајување, даночна измама и перење пари, со што го оштетиле државниот буџет во големи размери. Групата креирала мрежа од фирми преку кои вршеле фиктивна трговија со нафтени деривати, издавајќи лажни фактури за да избегнат плаќање данок и да остварат незаконски поврат на ДДВ.
Во објаснувањето од ОЈО ГОКК се вели дека групата, преку правни субјекти, кои немале дозвола за трговија со горива, набавувала, транспортирала и продавала еуросупер, еуродизел и екстралесно гориво. Продажбата често се одвивала без издавање фискални сметки, а парите во готово не биле евидентирани во сметководствената документација.
Истрагата покажала дека осомничените странски државјани, кои биле формално поставени како одговорни лица во фирмите, немале регулиран престој во земјава. Ова организаторите го користеле за да ја прикријат нивната поврзаност со криминалното дејствување.
Исто така, парите што ги добивале од продажбата на горивата во готово, осомничените ги пуштале во оптек и и извршиле пренос за да го прикријат нивното движење.
Јавен обвинител предложил мерка притвор за сите осомничени. Досега, велат од ОЈО ГОКК, се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот им одредил притвор во траење од 30 дена. За останатите шест лица, од кои пет се странски и еден македонски државјанин, притворот ќе биде определен во отсуство.