Криминалната група дејствувала подолг временски период, со цел да се стекне со противправна имотна корист. Со своите незаконски дејства, осомничените предизвикале штета на државниот буџет во висина од над 430 милиони денари

Управата за финансиска полиција спроведе голема акција на подрачјето на општините Липково, Куманово и Желино, при што во соработка со Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“, се лишени од слобода седум лица, информираат од Финансиска. Лицата се осомничени за кривични дела злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Според соопштението на Финансиската полиција, акцијата е резултат на двегодишна опсежна предистражна постапка, водена под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Криминалната група дејствувала подолг временски период, со цел да се стекне со противправна имотна корист. Со своите незаконски дејства, осомничените предизвикале штета на државниот буџет во висина од над 430 милиони денари.
Уапсените лица се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд. Едно лице, кое исто така се сомничи дека е дел од групата, сè уште е недостапно за органите на прогонот.