„За оние кои не веруваат во силата на зборот, на почетокот беше речта, а потоа забранетите книги. Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925 година, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци…Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка“, рече претседателката на државата на манифестацијата, чиј покривител е
Во духот на традицијата, денеска претпладне во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на годинешниот добитник на „Златниот венец“, словачкиот поет Иван Штрпка
Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста, рече вечерва претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање со кои ги прогласи за отворени 64. Струшки вечери на поезијата, чиј покровител е.

Обраќајќи се пред поетите, како и бројните присутни книжевни критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, таа изрази надеж дека по ова издание на манифестацијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви, пренесе МИА.
Говорејќи во тој контекст, таа рече дека поетите го менувале и сè уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали – мислата и зборот, проткаени со ум и чувства.
Според неа, живиот збор беше и останува моќно и делотворно оружје.
„Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата“, рече претседателката на државата.
За оние кои не веруваат во силата на зборот, таа рече дека на почетокот беше речта, а потоа забранетите книги.
„Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925 година, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци. Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, песни, обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување. Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка“, подвлече Сиљановска-Давкова.
Струшката поетска приказна, според неа, е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено, како што потенцира, актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време.
Претседателката се наврати и на историјатот на содзавањето на Струшките вечери на поезијата во далечната 1961 година, кога, како што кажа, група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци.
Покрај традиционалните настани, го поздрави и враќањето на најважните белези на Струшките вечери на поезијата – читањето кај споменикот на „Свети Климент“ во Охрид, поетското пловење и рецитирање во „Свети Наум“ и поетското матине во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“.
Свое обраќање имаше и министерот за култура и туризма Зоран Љутков кој рече дека за него Струга и Струшките вечери на поезијата се место каде што времето се смирува, а минатото и сегашноста се спојуваат во ритамот на поетскиот збор.
„Тоа е срцето што чука низ реченици, гласот на светот што одекнува на сите јазици, без разлика на боја, вера, јазик или потекло. Тука, покрај Дрим, поетите не се гости, туку домаќини, а стиховите не се странци, туку браќа што се препознаваат меѓу себе. И секоја година фестивалот сведочи дека поезијата е вечна, а зборот најмоќниот мост меѓу луѓето, културите и времињата“, рече Љутков.

Ова издание на фестивалот, како што рече, е во знакот на глаголицата која заедно со поезијата се како извора што паралелно течат низ времето. Едниот кој нè потсетува на корените, а другиот нè води кон бескрајот.
„Во секој стих, како и во секој глаголски текст, се крие светлина што ги осветлува нашите души и ги поврзува со сите генерации. За нас е голема чест што е вечерва со нас Иван Штрпка, легендата на словачката поезија и мајстор на зборот, кој потенцира дека ‘глаголицата не е само писмо, туку душа на зборот’, рече Љутков.
Директорот на националната установа Манифестација „Струшки вечери на поезијата“ Никола Кукунеш истакна дека неслучајно визуелниот фокус на годинашното издание е ставен на глаголицата и оти неслучајно е нагласувањето на буквата „Г“, која во тоа писмо е именувана како „глаголи“ – што значи зборува/говори.
„Пред нашите очи, со сиот свој пркос, се појавува сликовната страна на старословенскиот јазик – јазикот кој го зборувале Македонците од околината на Солун, т.е. јазикот на сесловенската писменост. Јазикот за кој како по зрак светлина или душевна храна пекале Словените во Моравија и Панонија“, рече Кукунеш.
Тој нагласи дека јазичната и културната врската меѓу Македонија и Словачка е нераскинлива цели 1162 години, а доказ за тоа е годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата„ – словачкиот поет, Иван Штрпка.
Манифестацијата почна со палење на Фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов, а продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.
Во духот на традицијата, денеска претпладне во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на годинешниот добитник на „Златниот венец“, Иван Штрпка.