Дел од медиумите објавија дека премиерот за време на денешната посета на Кочани ги посетил и градските гробишта, каде што запалил свеќи на гробовите на загинатите во пожарот што се случи на 16 март годинава
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека, како и досега, ќе се воздржи од коментари во врска со постапката за случајот со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и, како што изјави денеска, остава на обвинителско-судските органи да ја завршат процедурата.

Прашањато за тоа како го оценува досегашниот тек на постаката што ја водат правосудните органи за пожарот во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени, беше едно од првите прашања што новинарите му ги поставија на премиерот за време на неговата денешна посета на Кочани, а по повод отворањето на нова хала на компанијата „Амфенол“.
„Јас се воздржувам да коментирам во изминатиот период и ќе ја продолжам таа пракса да не коментирам. Оставам обвинителско-судските органи да си ја завршат процедурата. Колку што знам, покренатото обвинение е во рамките на оценка од страна на судовите, така што не би сакал дополнително да коментирам“,
рече Мицкоски.
Инаку, дел од медиумите објавија дека премиерот денеска ги посетил и градските гробишта во Кочани, каде што запалил свеќи на гробовите на загинатите во пожарот што се случи на 16 март годинава.
Таму тој се сретнал и со родители на загинатите млади, а гестот на премиерот преку објава на социјалните мрежи го сподели татко на едно нив. Тој потегот на Мицкоски го оценува како достоинствен и човечки, упатувајќи апел до останатите нивната болка да не се злоупотребува за политика.
„Разбрав дека денес премиерот бил на гробиштата во Кочани и запалил свеќа на гробовите на нашите ангели. Само тивок и достоинствен чин. За нас родителите, секој кој ќе застане со почит пред болката што ја носиме е пред сè човек. Денес така го доживеав и премиерот, како човек. Ве молам, не ја злоупотребувајте оваа болка за политика и дневни поени. Болката е наша, а гестот беше човечки. Тоа е доволно“,
напиша Тошо Антов на својот фејсбук-профил.

Инаку, пред нешто повеќе од еден месец родители на загинатите во пожарот „Пулс“, организирани во Здружение на граѓани „16 Март 2025 Кочани“, чие овластено лице според податоците во Централниот регистар е Тошо Антов, исто така, преку објава на Фејсбук, со горчлив наратив, ја раскажаа својата верзија од средбата со премиерот во Владата, што се случила на 7 јули.
Во објавата, од Здружението, наведувајќи детали, меѓу другото, напишаа дека наместо на разбирање, сочувство и поддршка, на средбата наишле на манипулации, потсмев, обвинувања и понижување.
Инаку, повод за средбата било нивното барање за финаниска и друга помош на родителите и на семејствата на загинатите за да се справат со последиците од трагедијата.
Здружението ова го објави доцна вечерта на 17 јули, а од Владата следниот ден преку писмено соопштение реагираа на ваквите наводи. Оттаму потврдија дека имало средба, но рекоа оти не се точно опишани настаните оценувајќи дека во моментот се прави „злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина“.
Што се однесува до постапувањето на правосудните органи, во понеделникот од Основниот кривичен суд соопштија дека обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани сè уште не е оценето од Советот за оцена на обвинителен акт бидејќи, како што велат оттаму, станува збор за обемен предмет за кој и понатаму течат роковите во рамките на оваа постапка.

Според Кривичен, досега до него стигнале 40 приговори од обвинетите и нивните бранители кои се доставуваат до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје за запознавање со нивната содржина.
Од Кривичен велат дека примените приговори, што се однесува до постапката што се води во него, се во фаза на анализа од Советот за оцена на обвинителен акт, по што, додаваат оттаму, треба да биде донесена одлука за која страните во постапката и јавноста ќе бидат известени.
Според известувањето од Судот, одлуката на Советот за оцена на обвинителен акт за овој случај може да се очекува во септември.
За пожарот во Кочани се обвинети вкупно 34 физички и три правни лица. Меѓу обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност се сопственикот на „Пулс“, неговиот брат и синот, потоа тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, двајца поранешни министри за економија – Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, инспектори од Државниот пазарен инспекторат и обезбедувачи на објектот.
Обвинението беше поднесено на 13 јуни, а неколку недели подоцна Врховниот суд донесе одлука надлежноста за предметот да се префли во Основниот кривичен суд во Скопје бидејќи во Основниот суд во Кочани нема доволно судии и ресурси за да се води ваков голем процес.