Со проектот кој денеска беше најавен од министерот за животна средина и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, како и од претседателот на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Град Скопје, предвидена е изградба на шест ленти, зеленило, тротоари, велосипедска патека и осветлување
Улицата „Цветан Димов“ во скопски Чаир, која важи за една од главните сообраќајници во градот каде на дневно ниво транзитираат голем број возила ќе биде проширена со реализација на проект кој ќе треба да го опфати и урбанистичкото уредување на просторот.

Претседателот на Заедницата на Единиците на Локалната Самоуправа (ЗЕЛС) и кандидат за градоначалник за Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓоргиевски, како и првиот вицепремиер и министер за животна средина, но и кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити денеска го презентираа проектот за чија реализација, како што кажаа ќе бидат одвоени 10 милиони евра, од кои три за експропријација и околу седум милиони евра за реализација на самиот проект.
Меџити кој во минатото беше градоначалник на Чаир, рече оти досега немало волја да се спроведе проектот, иако таков веќе постои и има студија за експропријација. Вели оти е време да се елиминира оваа црна точка во сообраќајот во градот, оти токму оваа улица е една од најважните артерии на Скопје.
„Со ова мислам дека ќе се нормализира сообраќајот во Градот Скопје, а посебно во Чаир, бидејќи ова се поврзува и со обиколницата на Градот Скопје. Граѓаните ќе имаат реален пристап од сите страни и многу полесно ќе можат да се движат во овој дел. Ова е во врвните проекти за Чаир, а верувам и на Градот Скопје“,
кажа тој.
Ѓоргиевски пак, рече оти овој проект е ветуван триесетина години наназад од многу кандидати, но и градоначалници кои ја добиле шансата да бидат на чело на Градот Скопје и оти по локалните избори во октомври, на кои очекува силна поддршка, реализацијата на овој булевар ќе биде еден од првите негови приоритети.
„Веќе ја има во Градот Скопје комплетната документација, како и сите услови поврзани со експропријацијата која што ќе треба да ја напраивме. Еден од клучните проекти коишто ќе го започнеме во самото влегување во Градот Скопје во октомври ќе биде токму реализацијаа на булеварот „Цветан Димов“,
изјави Ѓоргиевски.
Тој вели и оти по изборите на кои очекува убедлива победа, сериозен акцент ќе се стави на решавањето на проблемот со сообраќајниот хаос во градот и оти приоритет ќе му биде Скопје да биде безбеден град со квалитетни сообраќајни решенија.