Поради пожарот во „Јасен“, регионалниот пат Македонски Брод – Скопје сè уште останува затворен за секаков вид возила
Пожарот во „Јасен“ не е изгаснат, но е ставен под контрола, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Дождот што вчера зафати делови од земјава помогнал во гаснењето, но во текот на ноќта биле регистрирани пламени јазици на одредени места кај ловиштето.
„Рано утрово 30-ина припадници на армиските специјалци ‘волци’ и ‘ренџери’ се упатија кон местото каде што имаме активно горење. Се спуштаат по исклучително стрмен и непристапен терен за да го зададат ‘завршниот удар’ на овој исклучително тежок пожар за гаснење“,
вели Ангелов.

Поради непристапниот терен каде што сè уште постои опасност од разгорување, се дејствува со два ‘ертрактора’ на ДЗС и полициски хеликоптер.

„Ќе дадеме сè од себе во текот на денешниот ден да го ставиме под целосна контрола и овој преостанат крак од пожарот, но веќе гледам дека горењето се засилува што само по себе подразбира дека во попладневните часови ќе имаме посилен оган“,
додаде Ангелов.
Поради пожарот во резерватот „Јасен“, регионалниот пат Македонски Брод – Скопје сè уште останува затворен за секаков вид на возила, информираат од АМСМ.
Во последното деноноќие се регистрирани 24 пожари на отворен простор. Активни во моментов нема, еден е под контрола и 23 се изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи.