Охрид не може сам да се справи со дивоградбите. Се бара помош од државата. Тендер за отстранување на бесправно изградени објекти е распишан, но дел од објектите во центар и старо градско јадро ќе мора да ги отстрани државата.
„Вие мислите дека општината може сама да се справи со овој проблем? Со еден градежен инспектор и со 1,5 милиони денари за отстранување на бесправно изградени објекти? Охрид не е само на охриѓани, Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите кои што се години наназад надвор од колосек“,
вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Уривањето на дивоградбите е една од 19-те препораки на УНЕСКО кои локалната и централната власт треба да ги спроведат за Охрид да не биде ставен на листата на загрозено светско наследство. Тој вели дека комисијата не побарала рушење на сите 400 објекти бидејќи тоа е невозможно, и дека влијание врз заштитената природа имаат само десетина од нив.
„Од сите 409 кои се во заштитниот појас има тука и скали, настрешници, ограда, не се сите објекти. Но, според мое мислење нема повеќе од 10 објекти кои се дивоградби и прво тие ќе се отстрануваат“,
рече Георгиески.
Утре собраниската Комисија за култура ја отвара дебатата за предлого законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион.