Реакцијата на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ доаѓа откако во јавноста беа пласирани информации дека жичницата подолг период работела без дозвола
Жичницата на Водно ги исполнува сите пропишани стандарди за безбедност и поседува валиден сертификат за работа до 24 септември 2025 година, велат од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

Оттаму реагираат на информациите во одредени медиуми кои претходните денови пишуваа оти безбедноста на жичницата е нарушена и дека подолг период функционирала без дозвола.
„По многуте пишувања и шпекулации во јавноста, должни сме да не дозволиме да се создаде паника. Во моментов се изведуваат сервисни активности за замена на делови предвидени со редовниот годишен сервис“,
велат од ЈСП „Скопје“.
Оттаму велат и дека во текот на вчерашниот ден бил спроведен вонреден детален технички инспекциски надзор од страна на Министерството за транспорт и врски, при што не биле утврдени никакви технички недостатоци, туку само било констатирано дека жичницата е во исправна и функционална состојба.

Жичницата на Средно Водно, која служи за превоз на граѓаните до Милениумскиот крст, моментно не е во функција поради голем сервисен зафат, а од јавното претпријатие велат оти штом завршат работите повторно ќе биде пуштена во употреба. Претходно Миќо Стојановски од синдикатот на ЈСП „Скопје“ за неколку медиуми изјави оти жичницата на Водно во изминатиот период работела без работна дозвола и претставувала ризик за граѓаните.