Како што јавуваат српските медиуми, вечерва атмосферата на протестите во повеќето градови е многу помирна, за разлика од претходните неколку денови кога имаше жестоки протести и судири со полицијата

Во повеќе градови низ Србија и вечерва се одржуваат антивладини протести организирани од студентите во блокада и граѓаните што ги поддржуваат. Протести се одржуваат во Белград, Нови Сад, Ниш, Сомбор, Пожаревац и други градови.
Протестите беа најавени на социјалните мрежи и тоа со креативни слогани – „Ѓубрето паѓа – народот владее“, „Поради криминалните активности на СНС, следува присилно затворање“, како и „Кого штитите, трет дел“.
Како што информираат српските медиуми, попладнево биле приведени, па ослободени петмина студенти од Ниш. Пред полициската станица даде изјава еден од нив, студентот Матеја Николиќ од Правниот факултет.
„Добро сум, малку сум под стрес бидејќи сум тука од 16 часот, кога полицајци ме пресретнаа кога се враќав од продавница, ме ставија во полициско возило и ме доведоа тука“,
рече тој.
Тој додаде дека полицијата му одзела чоколадно млеко, песто сос и маската за нуркање. Му бил одземен и телефонот, но му бил вратен на крајот од сослушувањето.
Вечерва и во Сомбор е организиран протестен марш. Просториите на владејачката Српска напредна партија (СНС), како и претходните вечери, се обезбедувани со полициски кордон, а неколку полициски комбиња се паркирани за граѓаните да не можат да се приближат до седиштето на партијата, јави телевизијата „Нова С“.
Како што јавуваат српските медиуми, вечерва атмосферата на протестите во повеќето градови е многу помирна, за разлика од претходните неколку денови кога имаше жестоки протести и судири со полицијата.