Пријавата е против 59-годишен жител на Крива Паланка со иницијали З.М.
Поднесена е пријава за лицето кое влечеше куче со возило, соопшти Министерството за внатрешни работи. Малтретираното куче било фрлено во коритото на Крива Река, од каде било извлечено и згрижено.
„На 13.08.2025 во 14:45 часот во ОВР Крива Паланка бил извршен службен разговор со З.М. (59) од Крива Паланка, затоа што на магистралниот пат село Жидилово – Крива Паланка на патничко моторно возило „фиат панда“ врзал куче и го влечел. По целосно документирање на случајот, против З.М. е поднесена соодветна пријава“,
велат од МВР.

Пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Крива Паланка вчера информираа дека малтретираното куче го извлекле од коритото на Крива Река и го предале на надлежните институции.
„По добиена дојава за фрлено куче во бездна, со тим од двајца пожарникари излеговме на лице место и пристапивме со негово извлекување и предавање на надлежните институции, а кое по претходно малтретирање било фрлено во коритото на Крива Река. За жал уште една немила ситуација на изживување и измачување на животните“,
информираа од ТППЕ Крива Паланка.