Во објава на Фејсбук се вели дека благодарение на брзата интервенција на полицијата и на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кучето е најдено, одземено, згрижено и е во стабилна состојба

Пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Крива Паланка вчера извлекле куче што било фрлено во бездна.
Кучето, како што велат пожарникарите, претходно било малтретирано, па фрлено во коритото на Крива Река.
„По добиена дојава за фрлено куче во бездна, со тим од двајца пожарникари излеговме на лице место и пристапивме со негово извлекување и предавање на надлежните институции, а кое по претходно малтретирање било фрлено во коритото на Крива Река. За жал уште една немила ситуација на изживување и измачување на животните“,
велат од ТППЕ Крива Паланка.
Претходно на социјалните мрежи се ширеше објава на која се гледа како кучето е врзано за автомобил со регистарски таблички од Крива Паланка, кој се движи по пат.
Во објавата се вели дека благодарение на брзата интервенција на полицијата и на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кучето е најдено, одземено, згрижено и е во стабилна состојба.
„Доколку некој сака да го вдоми, може да се отпочне со процедура следната недела, додека да закрепне од траумата“,
се вели во објавата на Фејсбук.
Исто така, се додава дека наводно лицето што го извршило ова дело е идентификувано и против него ќе бидат преземени соодветни постапки и од страна на АХВ и на МВР.