Твитер ја тргна видео посветата за Џорџ Флојд која во рамки на кампањата за сопствениот реизбор, на својот профил ја објави американскиот претседател Доналд Трамп. Од Твитер тврдат дека причината за овој потег е непочитување на авторските права.
На почетокот од четири минутното видео, се емитуваат фотографии од Флојд и од мирните протести по повод неговата смрт, додека во позадина се слуша гласот на претседателот Трамп кој го изразува своето жалење за трагедијата
Во вториот дел од видеото, претседателот со предупредувачки тон говори против насилството и анархијата која според него ја предизвикуваат радикалните левичарски групи, а говорот е покриен со снимки од насилните протести.
Тој исто така, зборува и за тоа дека мнозинството полициски службеници се посветени на својата служба кон граѓаните а видеото е илустрирано со фотографии од униформирани лица кои се гушкаат со цивили и од граѓани кои ги бришат графитите и ги чистат улиците по протестите.
Ова видео, пред да биде тргнато беше објавено на официјалниот налог на неговата кампања за реизбор, а веднаш потоа и ретвитнато од претседателот и неговиот син, Доналд Трамп Јуниор.
Пораката што се појави пред видеото укажува дека неговото прегледување е оневозможено поради пријава за непочитување на авторските права.
Од тимот што работи на кампањата на Трамп побарале објаснување од Твитер за тоа кој го пријавил и на каков начин се повредени авторските права.
„Овој инцидент е уште една потсетување дека Твитер си прави што сака со своите правила за објавување. Од сомнителното повлекување на твитот поврзан со групата Никлбек, преку самоволната проверка на фактите се до оваа манипулација за авторските права. Твитер упорно одбива да објасни зошто неговите правила важат единствено за Трамп и за неговата кампања а не за останатите. Цензурата на важната порака на претседателот за единство по протестите за смртта на Џорџ Флојд е несреќна ескалација на двојните стандарди“,
вели Ендрју Кларк, шефот на изборната кампања на Трамп.
Од Твитер објаснуваат дека правилата се такви и дека врз основа на пријавата е утврдено дека кај дел од фотографиите во видеото има проблем со авторските права.
Со оваа нова санкција кон Трамп, уште повеќе расте тензијата во односите меѓу претседателот и Твитер.
Минатата недела, неговите твитови со кој го напаѓаше гласањето по пошта, оваа социјална мрежа ги означи со линк за проверка на факти на кои имаше објаснување дека таквото гласање ни оддалеку не е подложно на манипулации како што тврдеше тој.

Налутен поради таквото однесување на Твитер, тој наредниот дека потпиша извршна наредба со која од одговорност за содржината која ја објавуваат нема да се изземаат социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер.